Во Музејот на современата уметност – Скопје, на 29 јули со почеток во 20 часот ќе биде отворена изложбата „Прекин во тек“, која ги обединува делата на Игор Тошевски и колективот ОПА (Опсесивно посесивна агресија).
Изложбата тргнува од идејата дека токму малите поместувања, прекините и отстапувањата можат да ги откријат скриените структури што ја обликуваат реалноста. Наместо директно да повикува на општествена промена, уметноста овде се поставува како практика што ги преиспитува правилата, протоколите и рутините преку кои се создава нашето секојдневие.
„Прекин во тек“ претставува заедничко истражување на механизмите преку кои современата уметност создава видливост, вредност и значење. Делата не ја прикажуваат реалноста во класична смисла, туку ги анализираат процесите што незабележливо влијаат врз институциите, јазикот и визуелната култура.
Игор Тошевски ја користи уметноста како алатка за деконструкција на структурите на моќ, истражувајќи го односот меѓу политичкиот авторитет, постсоцијалистичкиот контекст и слободата на изразување. Преку своите проекти, тој ги отвора прашањата за цензурата, пропагандата и границите на институционалното изложување.
Колективот ОПА, составен од Слободанка Стевческа и Денис Сарагиновски, работи со интервенции во јавниот простор, тактички медиуми и стратегии на субверзивна афирмација. Нивната практика има за цел критичко преиспитување на општествените и институционалните механизми, често создавајќи ситуации во кои границите меѓу уметноста, политиката и реалноста стануваат намерно нестабилни.
Изложбата отвора простор за размислување и јавна дебата, поставувајќи прашања за тоа како се создава значењето во современото општество и која е улогата на уметноста во тој процес.