Поп-ап пораки што предупредуваат на можните штетни последици од користењето на социјалните мрежи би можеле да помогнат младите да го намалат времето поминато онлајн, покажува ново истражување.
Истражувачите сметаат дека социјалните мрежи би можеле да имаат предупредувања слични на оние што веќе постојат на производите од тутун и алкохол. Како пример наведуваат пораки со кои корисниците би се предупредиле дека користењето на социјалните мрежи е поврзано со проблеми со спиењето или со нарушувања на менталното здравје кај децата и младите.
Токму вакви пораки биле тестирани во студија објавена во „JAMA Health Forum“. Тие ги информирале учесниците за различни потенцијални ризици од користењето на социјалните мрежи, меѓу кои депресија, анксиозност, негативна слика за сопственото тело и нарушувања на спиењето. Истражувачите сметаат дека предупредувањата би можеле да бидат уште една алатка за поздраво регулирање на времето што младите го поминуваат на социјалните платформи.
„Кај супстанциите како тутунот и алкохолот, во просек гледаме дека добро дизајнираните предупредувања влијаат врз однесувањето“, изјавила главната авторка на студијата, Ана Грумон, доцентка по педијатрија.
Но, за разлика од цигарите или алкохолот, предупредувањето кај социјалните мрежи не може едноставно да стои на самиот производ. Затоа, според Грумон, би требало да се појавува како поп-ап порака додека корисникот ја користи платформата. Во истражувањето учествувале повеќе од 1.000 млади на возраст од 13 до 29 години. Тие биле изложени на 14 различни предупредувања поврзани со шест теми за време на користењето на социјалните мрежи.
Пораките се однесувале на зависност од социјалните мрежи, негативна слика за телото, нарушен сон, депресија, анксиозност и пошироките негативни последици врз менталното здравје. Една од пораките нагласувала и дека не е докажано дека социјалните мрежи се безбедни за младите. По изложувањето на предупредувањата, учесниците покажале поголема информираност за потенцијалните ризици по менталното здравје. Тие, исто така, во голема мера изјавиле дека пораките би можеле да ги обесхрабрат да поминуваат време на социјалните мрежи.
Најсилен ефект имале предупредувањата поврзани со менталното здравје, особено оние за депресија и анксиозност. Исклучок била пораката за зависност, која исто така покажала силен ефект. Истражувањето не дава одговор зошто токму овие предупредувања биле највлијателни. Грумон претпоставува дека причината би можела да биде тоа што младите полесно ги препознаваат овие проблеми кај себе или кај своите пријатели.
„Тоа се последици до кои луѓето можат да се препознаат – можеби си помислуваат: ‘Точно, можам да видам дека ова им се случува на моите пријатели или на мене’“, објаснила таа.
Сепак, авторите нагласуваат дека резултатите не значат дека предупредувањата автоматски ќе доведат до трајно намалување на времето поминато на социјалните мрежи. Студијата покажува зголемена свест за ризиците и изјавена намера за намалување на користењето, но потребни се дополнителни истражувања за да се утврди дали ваквите пораки навистина ќе доведат до долгорочна промена во однесувањето. Идејата, сепак, отвора прашање дали дигиталните платформи би можеле да воведат предупредувања слични на оние што веќе се користат кај производи за кои постојат утврдени здравствени ризици, овојпат директно во моментот кога корисникот ги користи социјалните мрежи.