Правилен ментален, социјален, емоционален и духовен раст – главната цел на извидништвото

Сојузот на извидници на Македонија е организација која активно работи со деца и млади на територија на цела држава веќе 70 години. Традиционално секоја година го организира националното натпреварување во извиднички вештини и ориентација, настан кој се организира од поставувањето на самите корени на организацијата. ДИОН (Државен Извиднички Ориентационен Натпревар) е местото каде најдобрите и највештите ги докажуваат нивните способности, ги надминуваат поставените успеси, се едуцираат и го зајакнуваат својот тим. Оваа година натпреварувањето се одржува во склоп на детската недела, во Општина Крива Паланка, во населеното место Дурачка Река, од 06 – 08.10.2023 и на истото во улога на учесници, волонтери и организациски тим ќе земат учество над 160 извидници. Целта на натпреварувањето е да се поттикнат сите извидници натпреварувачи да ги покажат стекнатите вештини во областа на ориентација, извидништво, топографија и пионерските вештини кои ги усовршувале во текот на годината.

„Оваа година настанот симболично се одржува одбележувајќи ја Недела на детето, за време на која се фокусираме на обезбедување на безгрижно и забавно детство и се потсетуваме на мотото на извидниците: Создаваме подобар свет. За да создадеме подобар свет клучната стратегија е да создадеме издивидуи кои се одговорни и посветени на зачувување на животната средина и правење добри дела за општеството и своите заедници“, изјави Елисавета Лукановска, извидник. 

Програмата на извидничките одреди опфаќа деца од 7 до 15 години и млади над 15 години со активности соодветни на возрасните категории. Една од карактеристиките на извидничката програма е тоа што истата е разновидна и опширна, нудејќи место каде секој ќе се пронајде и има можност да ги следи своите интереси и да се усовршува во истите. Извидниците преземаат акции, одат на кампување, учат да врзуваат јазли и палат огништа, да се снајдат во природа, да се справат со најразлични непогоди и слично. Но најважно од се е она што го учат несвесно, а тоа е да бидат самостојни, да бидат грижливи, снаодливи и издржливи. Дете кое е извидник знае да се исправи пред секој предизвик и да проба да го реши. Извидниците развиваат вештини неопходни за живот, вклучувајќи тимска работа, управување со времето, лидерство, преземање иницијатива, комуникација, самомотивација, културна свест и посветеност.


Правилниот ментален, социјален, емоционален и духовен раст на децата и младите е главната цел на извидништвото и самата извидничка програмата. 

„Работиме за да создадеме поисполнет свет за нив, свет во кој тие можат да се развијат во одговорни граѓани и квалитетни индивидуи кои ќе се пронајдат во различни улоги во животот. Извидниците имаат можност да научат низа вештини кои тешко се наоѓаат на друго место, притоа создавајќи пријателства кои траат вечно и негувајќи чувство за одговорност кон животната средина и заедницата во која припаѓаат“, потенцира Елисавета за читателите на Трн. 

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни