Со победите на Аргентина над Египет и Швајцарија над Колумбија по изведување пенали, официјално е комплетирана осминафиналната фаза на Светското првенство 2026 и познати се сите четвртфинални двојки. Меѓу осумте најдобри репрезентации на турнирот се најдоа шест европски селекции, една африканска и една јужноамериканска, што уште еднаш ја потврдува доминацијата на европскиот фудбал на Мундијалот.
Четвртфинални двојки:
- Франција – Мароко (9 јули, 22:00 часот)
- Шпанија – Белгија (10 јули, 21:00 часот)
- Норвешка – Англија (11 јули, 23:00 часот)
- Аргентина – Швајцарија (12 јули, 03:00 часот)
По комплетирањето на осминафиналето, среда е првиот ден без натпревари на Светското првенство. Досега се одиграни 96 натпревари, а до крајот на турнирот остануваат уште осум, четири четвртфинални дуели, две полуфиналиња, натпреварот за третото место и големото финале.
Четвртфиналната програма ќе започне во четврток со дуелот меѓу Франција и Мароко во Фоксборо. Ден подоцна, во Инглвуд ќе се сретнат Шпанија и Белгија, а победниците од овие две средби ќе се соочат во полуфиналето.
Во сабота следува дербито меѓу Норвешка и Англија на стадионот „Хард Рок“ во Мајами, додека четвртфиналната фаза ќе ја затвори пресметката меѓу Аргентина и Швајцарија на стадионот „Ероухед“. Тоа ќе биде и последниот натпревар на шампионатот што ќе започне во ноќен термин според средноевропско време.