Пожарите повторно создаваат сериозни проблеми во повеќе делови од регионот. Најтешка е состојбата во одредени подрачја на Босна и Херцеговина, каде што огнот се приближува до населени места, а гаснењето на едно од жариштата е дополнително отежнато затоа што пожарот зафатил минско поле.
Во Северна Македонија, пак, пожарникарите и другите ангажирани служби интервенираат на повеќе локации, а особено сложена е ситуацијата на Скопска Црна Гора.
Минско поле го блокира гаснењето кај Трново
Голем пожар во областа Пресјеница, во општина Трново, зафатил минско поле. Поради опасноста од мините, пожарникарите не можат директно да пристапат до огнената линија.На терен се распоредени пет противпожарни возила, а во интервенцијата учествуваат екипи од повеќе противпожарни служби и „Сараево-шума“.
Проблемот е дополнително сериозен бидејќи пожарот претставува ризик и за станбените објекти во околината.
Билеќа и Гацко се борат со пожарот петти ден
Во источна Херцеговина, пожарот меѓу Билеќа и Гацко по тешката ноќ е ставен под поголема контрола, но огнената линија сè уште се протега на неколку километри. Пожарот веќе петти ден гори во областа на селата Хоџиќи, Корита, Брештица и Долуша. Во текот на претходните денови огнот се приближувал до главниот пат Билеќа–Гацко, кој поради опасноста повеќепати бил затворан.
Изгореле и десетици електрични столбови, поради што дел од околните села останале без електрична енергија. Пожарникарите од Билеќа и понатаму интервенираат на повеќе точки, но според локалната противпожарна служба, огнените линии на кои моментално се работи не претставуваат директна закана за куќите и имотите.
Активни пожари има и во близина на Требиње, каде што вчера избувнал нов пожар во Турменти, на подрачјето на висорамнината Зубац. Во Гацко денес состојбата е оценета како стабилна. На територијата на општината има два пожара, кои се ставени под контрола.
Кај Томиславград состојбата се подобрува
Пожарот кај Томиславград сè уште не е целосно изгаснат, но состојбата е значително подобра по ангажирањето на хрватските пожарникари.
Отворена останува линијата на огнот кон Требишево и Злопоље, каде што се концентрирани расположивите сили. Во гаснењето се вклучиле и пожарникари кои пристигнале утрово.
Најсложено во Македонија е на Скопска Црна Гора
Во Северна Македонија активен е пожарот кај Грачани во општина Ѓорче Петров, додека на повеќе други локации пожарите се ставени под контрола. Особено сложена е ситуацијата кај месноста Рамно на Скопска Црна Гора, каде што гори мешана шума, а пристапот до теренот е исклучително тежок.
Како поддршка на скопските пожарникари и тимовите на Дирекцијата за заштита и спасување е ангажиран полициски хеликоптер. Во интервенцијата учествуваат и тимови на „Национални шуми“, како и 30 припадници на Армијата. Според надлежните, на одредени делови од теренот пристапот е целосно невозможен, што дополнително го отежнува гаснењето.
Проблеми има и кај Белица во Македонски Брод. Пожарот во текот на ноќта бил значително намален, но повторно се активирал со порастот на температурите. На терен интервенираат пожарникари од Македонски Брод. Слична е ситуацијата кај Селце во струшкиот регион. Огнот преку ноќта ослабнал, но утрово повторно се активирал. Ангажирани се пожарникарите од Струга, а планирана е и воздушна поддршка.
Пожарот кај Тајмиште во кичевскиот регион, пак, е ставен под целосна контрола. Надлежните предупредуваат дека состојбата во текот на денот може брзо да се промени. Високите температури создаваат услови за повторно активирање на постојните жаришта, но и за избивање нови пожари на отворен простор.