Пожар во Пробиштипско: Чадот ја намали видливоста на патот Штип–Пробиштип

Голем пожар избувна во Пробиштипско, а чадот ја намали видливоста на патот Штип–Пробиштип. Кон пожарот е испратен „ер трактор“, а активни се уште два пожари во земјава.

Голем пожар на отворен простор избувна претпладнево во атарот на Општина Пробиштип, при што густ чад се прошири во околината и создаде потешкотии во сообраќајот.

Според информациите, чадот формирал димна завеса над регионалниот пат Штип–Пробиштип, поради што видливоста е значително намалена, а возилата се движат отежнато.

На возачите им се препорачува зголемена внимателност и прилагодување на брзината според условите на патот.

„Ер трактор“ испратен кон пожарот

Поради пожарот, кон подрачјето на Пробиштип е испратен авион „ер трактор“ за гаснење од воздух.

Според Дирекцијата за заштита и спасување, пожарот избил меѓу селата Бучиште, Неокези и Петршино.

Пожарот е локализиран во Бучиште, каде што изгорела една куќа, додека дел од огнот се префрла кон селото Ратавица.

Активни три пожари во Македонија

Центарот за управување со кризи соопшти дека до 13 часот активни се три пожари на територијата на Македонија, сите на отворен простор.

Активни пожари има во селото Неокази, општина Пробиштип, каде гори ниска вегетација, во општина Штип, на местото викано „Исар“ во централното градско подрачје, како и во селото Новоселани во општина Чешиново-Облешево.

И на овие локации гори ниска вегетација.

е-Трн да боцка во твојот инбокс