Денешнава колумна е инспирирана видеото кое ми се појави на интернет, во кое позната жена претпримач и инвеститор – Барбара Минуци, го гугла своето име на интернет. Само што ќе го впише своето име и презиме следниот збор кој доаѓа како резулатат на тоа што луѓето најмногу пребарувале да дознаат за неа е „сопруг“. Видеото станува вирално и ги крши табуата и стереотипите за жените, кои постојат уште од времето кога жената немаше никакво право да се бори за својот успех и независност.
Барбара зборува за една многу деликатна тема, а тоа е потребата на луѓето да дознаат со кого таа е во брак па постигнала толку голем успех и богатство. Дали маж стои зад успешна жена?! Самата таа повеќе од 20 години го гради својот бизнис и создава успешни приказни од кои следат резултати кои ја дефинираат како успешна жена. Но да биде иронијата поголема, Барбара не е во брак и нејзиниот успех не се должи на маж! Значи, зад успешна жена не стои мажот, туку стои самата таа! Но колку е поразително што првото нешо кое му паѓа на памет на ова општество е дека мажот мора да е оној кој ја изградил и создал кариерата на жената.
Да не се лажеме, свесни сме дека за жал, поголемиот број на луѓе секогаш го препишуваат успехот на една жена на нејзиниот партнер. Она што боли најмногу е што и саматите жени за друга жена знаат да речат дека ако е успешна жената и заработува добро, сигурно мажот е заслужен за тоа. Колку е ова само поразувачко за нас како жени. Наместо да се гордееме на фактот што напредуваме и докажуваме дека можеме да постигнеме огромни успеси, ние се рушиме и деградираме меѓу себе. Не постои искрена поддршка и радост дека една жена успеала и го направила тоа сама и борбата за рамноправност оди по ѓаволите секој пат кога вие како жена ќе го препишете успехот на мажот.
Зошто е тоа така? Зошто општеството е толку изненадено дека една жена може со свој напор и труд да изгради империја и бизнис како што мажите прават со генерации наназад? Зошто никогаш не се прашуваме дали зад успехот на еден маж стои жена, туку секогаш е обратно? Дали сме толку истренирани да веруваме дека женскиот род е неспособен за големи подвизи и успеси без помош од мажите? Секако дека ќе си одговорите не. Тогаш следниот пат кога ќе видите жена како гради и создава успешна кариера, не коментирајте дека има богат маж кој платил за сето тоа.
Мислам дека најголемата битка која ја водиме посебно меѓу себе ние жените е кога УБАВА жена е исто и успешна и богата. Зошто потребата да кажеме дека сето тоа го направила така што спиела со маж? Зошто прво ние како жени да се деградираме. Зарем мислите дека сме способни да направиме успех само на тој начин? Зарем секогаш мажот треба да и ги „купи“ успехот и кариерата на една жена? Секако дека НЕ! Секоја самоизградена и професионално изреализирана жена води битка за секоја од нас и за генерациите на девојки и жени кои доаѓаат. Доста бевме обвинувани и тероризирани со фактот дека само маж може да изгради профитабилен бизниз и да создаде богатсво. И жената го може истото и тоа сама без ничија помош. Да, зад многу успешни жени, стојат самите тие! Нивните непроспиени ноќи, купишта персонални жртви и часови и часови работа и труд. Како жени веќе знаеме колку е тешко, затоа да не си отежнуваме повеќе самите на себе. Истото важи и за мажите. Не ја нарекувајте жената со погрдни зборови само затоа што успеала да влезе во она што за жал се смета „машки свет“ или бизнис заедницата и да направи успех на кој слободно може да и завидите и вие.
Време е да престанеме да веруваме дека мажот платил за нејзиниот одмор, облека, стан, кола, бизнис… Секоја паметна, амбициозна и вредна жена може сето тоа да го создаде за себе преку својата кариера и овде апсолутно нема ништо за чудење!