Search

Повторно за младите и дрогата

Минатата среда ХОПС – Опции за здрав живот Скопје на прес конференција ги објави резултатите од нивното последно истражување за употребата на дроги кај младата популација. Како автор на тоа истражување веќе пишував во колумната под наслов Младите и психоактивните супстанци. Ова истражување иако не е репрезентативно ги потврдува истите трендови за кои ХОПС има информации преку своите програми за помош на  младите луѓе кои употребуваат дроги. А тоа е дека има зголемена употреба како на легалните така и на нелегалните псхоактивни супстанци. Само за потсетување ова се дел податоците :

Од 119 испитаници 59 или речиси 50 % рекле дека при ноќните излегувања редовно употребуваат психоактивни супстанци, од нив 75 %  тоа го направиле во последниот месец а само 2 од нив или 3,4 % пред повеќе од 12 месеци.

Најупотребувана супстанца е алкохолот, 44,5 % од вкупниот број на испитаници односно 89,8%  или 53 испитаници  од оние кои употребиле супстанци во последниот месец употребиле алкохол при ноќните излегувања, канабис употребиле 35,3 % од вкупниот број на испитаници, 71 % или 42 испитаници од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, кокаин употребиле 24,3 % од вкупниот број на испитаници, односно 29 испитаници или 49,15 %, од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, МДМА( екстази) употребиле 21 % од вкупниот број на испитаници, односно 42,37% или 25 испитаници од оние кои употребиле супстанци во последниот месец, амфетамини користеле 16,8 % од вкупниот број на испитаници, односно 20 испитаници или  33,9% од оние кои употребиле супстанци во последниот месец и магични печурки употребиле 6,7% од вкупниот број на испитаници односно 13, 5% или 8 испитаници кои употребиле супстанци во последниот месец. Останатите видови психоактивни супстанции користеле помалку од 10 % од испитаниците кои употребиле психоактивна супстанца во последниот месец .

Голем број медиуми известуваа во текот на целата недела за оваа тема но никој не го поставува прашањето зошто се случува тоа.   Повеќе од 20 години работам на темата зависности , одлично ја познавам ситуацијата не само кај нас , туку и во регионот и генерално во светот па ќе си дозволам да ги наведам главните причини зошто ни се случува ова фокусирајќи се на одговорот на надлежните.

Прво,  во Македонија постои национална стратегија за дроги за периодот 2021-2025  година со која се предвидени значаен број на активности поврзани со превенцијата на употребата на дроги. Евалуацијата на стратегијата  која штотуку се направи покажа дека ниту една, повторувам НИТУ ЕДНА активност  за превенција  предвидена со оваа стратегија не е реализирана во изминативе 3 години.

Второ,  не постои национален координатор за дроги. Тоа значи дека никој не ги менаџира овие прашања ниту пак води грижа за тоа дали некои институции кои се надлежни за спроведување на соодветни активности напишани во стратегијата се спроведуваат. Никој не доставува соодветни извештаи , не се прават анализи ниту пак се спроведуваат програми. Во секоја земја постои посебен координативен тим во кои членуваат едуцирани луѓе експерти од различни професии кои ги координираат активностите поврзани со дрогата,  од превенција на употребата, преку лекувањето, ресоцијализацијата, намалување на штетите па се до активностите на полицијата и царината за намалување на понудата. Во секоја земја освен во Македонија. Кај нас секоја институција е оставена сама на себе и се зависи од иницијативата на поединци во таа институција.  Постои меѓуресорска комисија за дроги која нема одржано состанок повеќе од две години.

Трето, тоа што некој ќе одржи предавање во некое училиште и ќе им каже на децата не користете дрога, штетна е, тоа не е превенција. Тоа е како мали Џокица си замислува дека се прави превенција. Напротив, во зависност од информациите кои ќе се кажат може да направи поголема штета. Превенција е долгорочна програма која се базира на стандарди за превенција. Во Македонија нема такви стандарди ниту програми за превенција на употреба на дроги. Спротивно на јавното мислење дека треба да се заплашуваат децата со дрогата за да ја превенираат нејзината употреба, клучниот стандард за превенција е јакнење на вештините и капацитетите на децата и младите да знаат да препознаат штетно однесување, да знаат да кажат Не и да носат соодветни одлуки кои ќе бидат добри за нивното здравје и нивното однесување. При програмите за превенција малку се зборува за  дрогата.

Четврто, кај нас нема доволно обучени луѓе кои ќе ги спроведуваат програмите за превенција на дроги. Тоа што некој е доктор, психолог или полицаец не значи дека е едуциран за превенција на дрогите. Сум бил сведок на такви предавања. Се сеќавам, не толку одамна кога претставник на Министерство за образование им предаваше на учениците за штетноста на дрогите и им покажува фотографија на исушен човечки мозок велејќи дека тоа е резултат на пушење на канабис. Во истиот момент сите деца почнуваат да се смеат. Едно од нив станува и вели, мојот постар брат пуши канабис веќе 15 години, правеше снимка на мозокот заради други причини и докторот му напиша дека нема никакви промени.  Никакви промени, ете тоа се случува во Македонија, 30 години нема никакви промени кога станува збор за односот на надлежните кон прашањето за превенција на дрогите.

И знаето што, немој некому да му текне да воведе тестирање на учениците за дроги, затоа што дури тогаш ќе настанат уште поголеми проблеми. Ќе биде хаос. Патот е јасен. Прво треба да се воспостават стандарди за превенција кои ќе треба да ги почитуваат сите, а не било кој да предава по школите како ќе му текне.  Потоа да се напише национална програма за превенција, како што тоа го направи Исланд, па да се едуцираат експерти кои ќе ја спроведуваат оваа програма.  И се разбира за сето тоа е потребно малку пари и многу политичка волја.

Авторот е истражувач, активист за човекови права, фотограф и магистер по социјална политика.

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни