Детскиот фестивал „Поточиња 2026“ се враќа со нова и уште поатрактивна фестивалска приказна, која ветува многу музика, емоции и незаборавни моменти за најмалите, но и за нивните родители.
Ова ќе биде 23-то издание на фестивалот, кој традиционално ќе се одржи на 18 и 19 април во Националната опера и балет во Скопје, со повеќе термини во текот на двата дена.
Организаторите најавуваат нов концепт со 17 нови детски песни, сценски перформанси и препознатливата енергија што го прави фестивалот еден од најомилените кај децата. И оваа година, централна улога ќе има водителот Поки (актерот Мартин Јорданоски), кој е веќе заштитен знак на „Поточиња“.
Фестивалот не е само музички настан, туку и едукативна платформа која преку забава ја развива креативноста, социјализацијата и љубовта кон музиката кај децата.
Според најавите, сцената ќе биде збогатена со нови визуелни ефекти, костими и кореографии, а целта е да се создаде вистинско фестивалско доживување кое ќе ги задржи децата активни, насмеани и вклучени во програмата.
Интересот за фестивалот расте од година во година – минатите изданија беа распродадени со повеќе полни сали, што покажува дека „Поточиња“ веќе одамна е дел од детското растење на генерации во Македонија.
Со новата програма, организаторите сакаат да ја продолжат таа традиција – да создаваат спомени, но и да ја негуваат детската музичка култура во време кога дигиталната содржина сè повеќе го заменува живото искуство.