Плати за новинарството или нема содржини: Норвешките медиуми ја тужат Мета

Издавачите бараат итна судска забрана во Осло против новите правила со кои американската компанија планира бесплатно да користи вести за тренирање на своите AI модели.

Десет водечки норвешки медиумски куќи поднесоа тужба пред Окружниот суд во Осло против компанијата Мета за да спречат неовластено преземање на нивните новинарски содржини за развој на вештачка интелигенција. Судската постапка се отвора по најавата на технолошкиот гигант за промена на комерцијалните услови, со кои профилите на издавачите на Фејсбук и Инстаграм практично се претвораат во бесплатна база за собирање податоци, дури и за текстовите што се наоѓаат зад дигитална претплата.

Мета првично најави дека новите комерцијални услови ќе стапат на сила на 30 октомври, но по жестокиот отпор од европските издавачи и регулатори, примената е одложена за 20 ноември. Американската корпорација соопшти дека одложувањето има цел да им даде повеќе време на партнерите за запознавање со деталите.

Според норвешката медиумска коалиција, суштината на спорот лежи во уцената со која се соочуваат редакциите. Издавачите мора или да се согласат нивните авторски текстови, фотографии и видеоснимки да се користат за развој на алгоритми, или целосно да ги избришат своите деловни профили од платформите на Мета.

„Мета се користи со инвестициите на медиумските куќи за развој на AI услуги кои им стануваат директна конкуренција. Тоа е неприфатливо и го нарушува пазарниот натпревар“, посочи Лене Елтвик Виндфелд, директорка на Норвешкото здружение на медиумски куќи (МБЛ).

Во правната иницијатива пред Окружниот суд во Осло учествуваат јавниот сервис НРК, новинската агенција НТБ и медиумските групации Шибстед, Амедиа, Поларис и Алер. Редакциите побараа од судот привремена мерка со која веднаш ќе се запре примената на новите правила сè додека не се донесе правосилна пресуда.

Ова е втор правен чекор на норвешките медиуми во краток период. На 14 октомври, НРК и здружението МБЛ веќе се заканија со тужби поради тоа што американската платформа генерира профит од лажни огласи во кои недозволено се злоупотребуваат нивните новинарски брендови.


Случајот во Норвешка претставува ескалација на поширокиот судир меѓу независните редакции и технолошките гиганти. Повеќе од 340 светски медиуми, меѓу кои „Њујорк тајмс“, „Гардијан“ и „Ју-ес-еј тудеј“, веќе поставија технички блокади за автоматските алатки на платформите со цел да го заштитат својот труд од неконтролирано гребење податоци.

е-Трн да боцка во твојот инбокс