На планината Готен, над селото Јаргулица, беа засадени околу 5000 садници во рамки на еколошка акција за обновување на опожарена површина од над два хектари.
Акцијата ја реализираа „Бучим“ и ЈП „Национални шуми“ на 25 април, како дел од долгорочните активности за обновување на шумскиот фонд во радовишкиот регион. Засадени се автохтони видови, меѓу кои црн бор, чемпрес, јасен, јавор, албиција и багрем.
Во пошумувањето учествуваа вработени од рудникот „Бучим“ и ЈП „Национални шуми“, како и жители од Јаргулица и околните населени места. Со тоа, акцијата испрати порака за заедничка одговорност и активна грижа за природата.
Посебен акцент беше ставен на медоносните видови садници, кои освен што придонесуваат за обновување на шумскиот екосистем, создаваат и дополнителни придобивки за локалните пчелари и за биодиверзитетот во регионот.
Од ЈП „Национални шуми“ посочуваат дека обновата на опожарените површини е долгорочен процес што бара стручен пристап и координација, додека од „Бучим“ нагласуваат дека компанијата останува посветена на иницијативи со траен ефект врз животната средина. Акцијата е најавена како почеток на подолгорочна соработка за враќање на природната рамнотежа во регионот.