Олимписките игри во Париз започнаа со дожд, па следуваше период на пеколни горештини и на крај една недела пријатно сонце. На денот кога завршија температурата во Париз се движеше околу 35 степени.
Тоа што е предвидливо за времето во текот на Летните олимписки игри е дека тоа е непредвидливо.
Екстремните горешнити се се поголема закана за елитните спортисти, а случаите на топлотна исцрпеност и топлотни удари стануваат се почести, бидејќи загадувањето со фосилни горива ги зголемува температурите и влажноста на воздухот. Публиката, особено оние кои на игрите доаѓаат од поладни земји, исто така се ранливи поради екстремната топлина.
Поради променливите климатски услови и постојатно загревање на Земјата повеќето градови стануваат непогодни за организација на Летните олимписки игри, бидејќи го надминуваат нивото на безбедна топлина и влажност на воздухот, пишува Си-ен-ен анализирајќи податоци од CarbonPlan.
Топлинскиот стрес се мери како комбинација од топлина, влажност, брзина на ветерот, агол на сонцето и облачно покривање. CarbonPlan откри дека до 2050 година, топлотниот стрес во речиси сите градови во источниот дел на САД ќе ја надмине границата од 27,8 степени, над која експертите препорачуваат откажување на спортски настани.
Со други зборови, одржувањето на Олимписките игри во овие градови ќе биде голема здравствена закана за спортистите.
Супер-влажните држави околу Мексиканскиот Залив, од Флорида до источната половина на Тексас, исто така не би биле погодни. Игрите одржани во 1996 година во Атланта едноставно нема да бидат можни во 2050 година.
Поголемиот дел од источна Кина, вклучително и Пекинг и Шангаи исто така би биле над оваа граница, како и Хонг Конг и речиси цела југоисточна Азија.
Предлозите за промена на тајмингот на Летните олимписки игри за да не се совпаѓа со најголемата жештина се се погласни, а тоа беше направено и претходно. Сиднеј ги одржа Игрите во 2000 година во септември и октомври за време на пролетта на јужната хемисфера. Игрите во Рио де Жанеиро во 2016 година се одржаа во август, кога зимските температури во просек изнесуваа удобни 21 степен.
Градовите во северозападна Европа, како Лондон, Осло и Стокхолм можеби ќе бидат атрактивни за игрите, додека градовите околу Средоземното Море, вклучително најчесто се над безбедната граница. Високите градови во Јужна Америка исто така би можело да станат атрактивни за организација на игрите, како што растат температурите низ светот.
Следните Летни олимписки игри ќе се одржат во Лос Анџелес, град каде што температурите се контролирани од ладниот Тих океан. Игрите во 2032 година се закажани во Бризбејн во северна Австралија, град каде што во лето е премногу топло, па затоа игрите ќе ги одржува во зима, на крајот на јули. Сепак, дури и во зима, таму температурите не се симнуваат под 10 степени.
Повеќе од 10 земји изразија интерес за организација на Летните олимписки игри во 2036 година, но само шест тоа го направија јавно: Индија аплицира со Ахмедабад, Индонезија со новиот главен град кој се гради, Нусантара, Катар со Доха, додека Турција аплицира со Истанбул. Полска и Чиле ги предложиле своите главни градови, Варшава и Сантијаго, како можни домаќини.
Речиси сите од нив, во еден момент ќе го поминат лимитот на топлотен стрес, покажуваат податоците на CarbonPlan. Само Сантијаго е под нивото во текот на целата година, вклучувајќи ги и најтоплите денови в олетото. Ахмедабад и Доха се многу над лимитот во летните месеци, но потенцијално се симнуваат во поладните годишни времиња.
„Во поголемиот дел од светот, најлошите жештини во годината, за жал, се совпаѓаат со тоа кога вообичаено се одржуваат Летните олимписки игри“, изјави за Си-Ен-Ен Оријана Чегвиден, климатски научник од CarbonPlan. „И топлината навистина може да претставува значителен ризик во земјите што ќе се кандидираат за Олимпијадата во 2036 година“.
Таа вели дека ако овие локации се избрани, топлотните ризици може да се надминат со неколку мерки.
„На пример, организаторите може да ги надминат ризците доколку игрите започнат пред или по летото или да се одржуваат настаните навечер или рано наутро кога е поладно“ вели Чегвиден и додава дека земјите би требало да се кандидираат за да бидат домаќини со поладните градови, како тие кои се на повисока надморска височина.
Дел од градовите кои досега организирале Летни олимписки игри ќе бидат далеку од безбедни до 2050 година. Пекинг, кој беше домаќин во 2008 година, ќе биде претопол и превлажен, со прогноза за топлотен стрес од над 32 степени. Атина, Рим, Атланта, Токио и Сеул исто така ќе бидат претопли, како и Барселона.
Градовите во јужната хемисфера, како Сиднеј и Бризбејн, или Рио, би биле на листата на претопли, но би можеле да ги одржуваат игрите во поладните месеци.
Олимписките игри одржани во Токио во 2021 година беа најтоплите досега, каде што во просек 1 на 100 спортисти пријавил здравствени проблеми поврзани со топлина. За среќа, ниту еден од нив не бил хоспитализиран, поради одличната подготовка на домаќините.
Како што стана јасно дека екстремниот топлотен удар ќе го погоди јапонскиот главен град, густо изграден град со облакодери што ја заробуваат урбаната топлина, организаторите го преместија маратонот и пешачките настани во постудениот, планински град Сапоро. Сепак, беше премногу топло и влажно, а шест тркачи и пешаци претрпеа топлотен удар, предизвикан од интензивна активност при екстремна топлина. Ваквите удари се опасни бидејќи може да доведат до откажување на органите и смрт.
Јури Хосокава, професорка за спортска наука во Универзитетот Васеда во Јапонија го предводеше тимот за одговор на топлоните бранови во Сапоро.
„Топлинскиот удар со напор, најтешката форма на топлотна болест, кога ќе се случи, треба да се погрижиме лицето веднаш да се лекува, идеално во рок од 30 минути по колапсот“, рече таа за Си-Ен-Ен. „И за да го направиме тоа, требаше да воспоставиме протокол, каде што овие лица не се транспортираат во болница, туку тие всушност се лекуваат на лице место“.
Хосокава и нејзиниот тим третирале случаи на топлотни удари и топлотна исцрпеност ставајќи ги лицата во ладни бањи за да се намали нивната телесна температура. Лицата кои доживуваат топлотен удар не може да ја регулираат нивната телесна темепратура, односно да ја намалат температурата без надворешно ладење.
„Внесувањето на лицата во ладни бањи е најефективен метод за брзо ладење“ вели Хосокава.
Но, некои спортисти во Токио се двоумеле дали да се бањаат со мраз, а ако имале првични симптоми, а сè уште не биле на точка на топлотен удар, тие биле третирани со ротирачки крпи кои биле натопени во мраз ладна вода.
Хосокава е една од многуте експерти кои ги повикуваат спортските заедници на глобално ниво да го променат распоредот на спортовите, но и да релаксираат одредени правила.
„Ако само ги откажеме спортските настани кога е жешко, тоа сериозно може да ја одземе шансата од сите“, рече таа. „Го сакам спортот и сакам спортската култура да остане, а сакам и моите деца да спортуваат кога ќе пораснат. Но, ако сакаме да го направиме тоа, треба сериозно да размислиме за промените на правилата и распоредот“.
Извор: Си-Ен-Ен