Европска партија под истрага: Можно укинување на финансирањето од ЕУ

Европската политичка партија „Европа на суверени нации“ (ESN), основана од германската Алтернатива за Германија (AfD), би можела да го загуби статусот на европска партија и финансирањето од буџетот на Европската унија, објави „Политико“.

Надзорното тело за европски политички партии и фондации покренало постапка поради сомнежи дека партијата не е усогласена со основните вредности на Европската унија. Според извештаите, како спорни се наведуваат антиимигрантски, антисемитски и анти-ЛГБТ ставови, како и повици за таканаречена „ремиграција“.

Во документите се споменуваат и бугарската партија „Преродба“, поради наводна соработка со „Единствена Русија“ на Владимир Путин, како и AfD, која германските служби претходно ја класифицираа како десничарска екстремистичка организација. Суд во Келн исто така оценил дека делови од програмата на AfD се спротивни на човековото достоинство и верската слобода.

Иако Европскиот парламент, Европската комисија и Советот на ЕУ засега немаат заеднички став за следните чекори, можно е постапката да доведе до укинување на регистрацијата на партијата и прекин на европските субвенции. Според проценките, ESN би можела да изгуби околу два милиони евра годишно.

Од ESN и AfD засега нема официјален одговор на обвинувањата. Претседателот на ESN, Станислав Стојанов, претходно изјави дека партијата нема директна контрола врз своите членки, но дека останува посветена на вредностите на Европската унија преку дијалог и соработка.

е-Трн да боцка во твојот инбокс