,,Поетот е присутен” е еден настан од богатата програма на ова издание на Скопски поетски фестивал, чија цел е да понуди поинакво поетско искуство по примерот на познатиот перформанс на уметницата Марина Абрамовиќ ,,Уметникот е присутен”. Целта на ова поетско читање е да се потенцира улогата на комуникацијата исклучиво со поезија, но без стандардните аплаузи и потврда од публиката кои се вообичаени за овој тип настани, односно со нов пристап кој се фокусира на поетот како писател и како изведувач на текстот.
Учесниците ќе имаат по неколку минути со секој од поетите кои гостуваат, а единствениот начин на комуникација ќе биде преку она што ќе го прочитаат. На овој начин ќе се овозможи поинтимно искуство кое ги доближува поетите кои читаат, а ги изолира другите сценски елементи, фокусирајќи се на улогите на поетите во самиот перформанс. Како и секоја друга година, фестивалот со овој тип на настани ќе се потруди да внесе свежина во изведувањето на поезијата и нејзиното претставување пред публиката токму преку промислување на самото исксуство на публиката и на авторот.

Настанот е од затворен карактер и ќе се одржи на 25 април во 18.30 часот во просториите на МКЦ, една од локациите каде се случува ова издание на фестивалот. Скопскиот поетски фестивал почнува денес и ќе трае до сабота, во МКЦ, кафе-книжарницата ,,Буква” и Филолошкиот факултет ,,Блаже Конески” – Скопје. Фестивалот и оваа година ќе понуди богата интернационална програма, со гости од Бугарија, Србија, Турција, Грција, Словенија и бројни македонски поети. Предвидени се разновидни мултимедијални промоции и активности кои имаат за цел да го претстават поетското искуство на еден нов и свеж начин на македонската културна сцена. Дизајнот на постерот на ова издание на Скопски поетски фестивал е изработено од Андреј Павлов, наградуван графички дизајнер и илустратор.