Основачот на CNN, Тед Тарнер, почина на 87-годишна возраст, соопшти компанијата Turner Enterprises. Тарнер изгради медиумска империја, беше меѓународно познат јахтач и филантроп, основач на Фондација на Обединетите нации, и се залагаше за елиминација на нуклеарното оружје.
Тој на 1 јуни 1980 година ја основа CNN, првата кабелска мрежа што емитуваше вести 24 часа дневно.
Бизнисменот роден во Охајо, познат по прекарот „Уста на Југот“ поради својата директност, создаде медиумско царство кое вклучуваше прва кабелска суперстаница и популарни канали за филмови и цртани, како и професионални спортски тимови како Atlanta Braves.
Тарнер беше и меѓународно признат јахтач и филантроп кој ја основа Фондација на Обединетите нации, се залагаше за глобално нуклеарно разоружување и беше силен поддржувач на заштитата на животната средина. Тој одигра клучна улога во повторното воведување на бизоните во американскиот запад, а исто така го создаде и цртаниот лик Captain Planet со цел да ги едуцира децата за екологијата.
Во 1991 година, Тарнер беше прогласен за „Човек на годината“ од списанието Time, поради „влијанието врз текот на настаните и претворањето на гледачите во 150 земји во директни сведоци на историјата“. Подоцна ги продаде своите мрежи на Time Warner и се повлече од бизнисот, но продолжи да го смета CNN за „најголемото достигнување“ во својот живот.
Во 2018 година откри дека боледува од Деменција со Левијеви тела, прогресивно мозочно нарушување. На почетокот на 2025 година беше хоспитализиран поради блага форма на пневмонија, по што се опоравуваше во рехабилитациски центар.