Мишо Хрњак, басистот кој заедно со Бранимир Џони Штулиќ и Борис Лејнер ја сочинуваше најпознатата постава на загрепската група „Азра“, почина на 67-годишна возраст. Веста ја објави хрватскиот музички портал „Равно до дна“.
Хрњак ѝ се приклучил на „Азра“ во 1979 година, во периодот кога се оформувала класичната постава на бендот. Заедно со Штулиќ и Лејнер ги снимил албумите „Азра“ (1980), „Сончевата страна на улицата“ (1981) и „Филигрански тротоари“ (1982) – изданија што и денес се сметаат за едни од најзначајните во историјата на југословенскиот нов бран.
На албумот „Кога фазаните летаат“ од 1983 година не свирел на сите песни, бидејќи ја напуштил групата пред завршувањето на снимањето.
Од „Азра“ заминал на отслужување воен рок
Хрњак ја напуштил групата во 1982 година, кога заминал на отслужување на воениот рок. Неговото заминување, заедно со заминувањето на Лејнер, го означило крајот на оригиналната постава на „Азра“.
По заминувањето од бендот, се повлекол од музичката сцена. Со години живеел и патувал низ Европа, а подолг период поминал во Унгарија, каде што ја запознал сопругата Уршула. Заедно имаат пет деца. Во тој период се посветил на семејството и на изработката на мебел по нарачка.
Бас-гитарата со години не ја свирел. На музичката сцена се вратил по околу две децении, кога заедно со Борис Лејнер го основал составот „Лејнер и Хрњак“. Во 2015 година ја објавил автобиографијата „Златно срце – приказни, но не баш за деца“, во која пишувал за своето детство, деновите поминати во „Азра“, односот со Штулиќ и животот по заминувањето од групата.
