По шест прелети и осум години пат, БепиКоломбо е во орбита околу Меркур

ва е втората мисија што кружи околу планетата најблиску до Сонцето, но првата што таму носи две летала. Научната работа почнува во април 2027 година.

Европско-јапонската сонда БепиКоломбо викендов влезе во орбита околу Меркур, по осумгодишно патување низ внатрешниот дел од Сончевиот систем. Европската вселенска агенција соопшти дека е потврдено заробувањето на сондата во орбитата на планетата и дека таа е во контакт со земските станици. Ова е втората мисија во историјата што кружи околу планетата најблиску до Сонцето, но првата што таму носи две летала истовремено.

БепиКоломбо полета на 20 октомври 2018 година од Француска Гвајана со ракетата Аријана 5. Патот до Меркур не е директен, бидејќи леталото што се приближува кон Сонцето постојано добива брзина, а за да влезе во орбита околу мала планета мора значително да успори. Затоа сондата прелета покрај Земјата еднаш, покрај Венера двапати и покрај Меркур шест пати, користејќи ја гравитацијата на планетите за да ја намали брзината. Пристигнувањето првично беше планирано за декември 2025 година, но проблем со погонот наметна траекторија со помал потисок и го одложи доаѓањето речиси за една година.

Мисијата ја водат Европската вселенска агенција и јапонската агенција за истражување на вселената. Европскиот орбитер ќе се спушти во ниска поларна орбита за да ги мапира релјефот, хемискиот состав и внатрешната структура на планетата. Јапонскиот орбитер, наречен Мио, ќе кружи по издолжена орбита и ќе ги проучува магнетното поле на Меркур и плазмата околу него. Двата апарата засега летаат споени и ќе се одвојат на 9 и 10 декември.

По одвојувањето, европскиот орбитер ќе мора уште неколку месеци да маневрира. Во својата конечна орбита ќе стигне на 10 март 2027 година, а научната фаза официјално почнува во април. Европската вселенска агенција најави ново известување за состојбата на сондата на почетокот на оваа недела.

Меркур е најмалку истражената планета во внатрешниот Сончев систем. Прва го посети американската сонда Маринер 10, лансирана во 1973 година, а прва во орбита околу неа влезе сондата Месинџер, во март 2011 година. Претходните мерења покажаа дека планетата крие огромно метално јадро и има слабо магнетно поле, па научниците очекуваат новите податоци да помогнат во разбирањето на развојот на Сончевиот систем.


Условите за кои се изградени двете летала се екстремни. Површината на Меркур се загрева до 430 степени Целзиусови, а најниските температури паѓаат до минус 180 степени. Мисијата е планирана да ја проучува планетата најмалку две години.

е-Трн да боцка во твојот инбокс