По драматична евакуација и здравствена криза, луксузниот крузер „MV Hondius“ стана центар на светското внимание по појавата на опасен хантавирус меѓу патниците и екипажот. Крузерот, кој беше блокиран крај брегот на Зеленортските Острови од неделата, денес треба да тргне кон Шпанија, откако три лица од кои две во тешка состојба беа евакуирани.
Бродот „MV Hondius“, на кој се наоѓаат околу 150 луѓе, се очекува да пристигне во шпанското пристаниште Тенерифе, на Канарските Острови, во рок од три дена, изјави шпанскиот министер за здравство, додавајќи дека лицата кои сè уште се на бродот не покажуваат симптоми на болеста.
Кога ќе пристигнат на Тенерифе, доколку останат здрави, сите странски државјани ќе бидат вратени во своите земји, изјави министерката за здравство Моника Гарсија на прес-конференција во Мадрид, пренесува Ројтерс.
Четиринаесет шпански патници ќе бидат сместени во карантин во воена болница во Мадрид. Должината на карантинот ќе зависи од тоа кога биле потенцијално изложени на вирусот, при што инкубацијата може да трае до 45 дена.
Досега три лица, холандски брачен пар и германски државјанин починале во оваа епидемија.
Вкупно осум лица се сомничат дека се заразени, вклучително и еден швајцарски државјанин кој се лекува во Цирих, од кои три случаи се лабораториски потврдени, соопшти Светската здравствена организација. Јужна Африка потврди дека кај жртвите е идентификуван анденски сој на вирусот, кој во ретки случаи може да се пренесува од човек на човек преку многу близок контакт.
„Ова е единствениот сој на хантавирус за кој е познато дека може да се пренесува меѓу луѓе, но таквиот пренос е многу редок и се случува само при исклучително близок контакт“, соопшти Министерството за здравство на Јужна Африка.
Патниците и екипажот сега очекуваат безбедно пристигнување во Шпанија, додека здравствените власти внимателно ја следат ситуацијата со цел да спречат понатамошно ширење на заразата.