Пластичните амбалажи од храна и пијалаци, како шишиња, капачиња, обвивки и разни пакувања – се најраспространетата форма на отпад што се наоѓа на крајбрежјата ширум светот, покажува нова глобална студија. Истражувањето опфатило податоци од над 5.300 теренски истражувања за морски отпад, собрани од повеќе од 350 научни студии, и опфатило 94 земји, со дополнителни проценки за уште 18.
Резултатите покажуваат дека во дури 93% од анализираните земји, токму пластиката поврзана со секојдневна консумација на храна и пијалаци е најчестиот отпад на плажите. Други видови отпад, како пластични кеси и цигари, се значително помалку застапени. Научниците истакнуваат дека проблемот не е ограничен само на региони со слабо управување со отпад ваков вид пластика се појавува и во земји со развиени системи за рециклирање. Ова укажува дека станува збор за глобален модел на потрошувачка на „еднократна употреба“.
Иако некои земји воведуваат забрани за пластични кеси, студијата предупредува дека ефектот не секогаш е јасен, бидејќи слабата примена на мерките или увозот на отпад од други земји може да ја намали нивната ефикасност. Микропластиката не била директно вклучена во анализата, но се смета дека најчесто потекнува токму од поголеми парчиња пластичен отпад што се распаѓаат со текот на времето.
Во позадина, глобалните преговори за меѓународен договор против пластично загадување се во застој, по политички несогласувања и притисоци во рамките на Обединетите нации. Поради тоа, новиот круг разговори може да се одложи за крајот на 2026 или дури 2027 година. Експерти од Ecotoxicology од University of Exeter предупредуваат дека сегашниот економски модел ја третира пластиката како материјал за еднократна употреба, и предлагаат промена кон системи за повторна употреба и рефил на амбалажа.
Авторите на студијата, објавена во научното списание One Earth, посочуваат дека решението не е само во чистење на плажите, туку во намалување на зависноста од пластика во секојдневната потрошувачка и редизајн на целиот систем на пакување и отпад.