Пентагон призна: Во американски воени операции во 2025 година загинаа 153 цивили

Сите регистрирани цивилни жртви во извештајот за изминатата година произлегуваат од три воздушни напади во Јемен.

Американските воени операции во текот на 2025 година предизвикале смрт на 153 цивили, додека 243 лица биле ранети, покажаа официјалните проценки на Пентагон доставени до американскиот Конгрес. Според објавениот извештај, сите евидентирани цивилни жртви се последица на три одделни воздушни напади извршени во Јемен. Ова претставува драматично зголемување во споредба со 2024 година, кога американската војска регистрираше само два смртни случаи.

Централната команда на американската војска (CENTCOM) процини дека трите воздушни напади изведени во април 2025 година во Јемен „поверојатно отколку не“ довеле до цивилни жртви. Примарна цел на овие воени операции, според Вашингтон, беше намалување на оперативните капацитети на хутските бунтовници кои имаат поддршка од Иран.

Заклучно со февруари 2026 година, CENTCOM разгледува дополнителни 15 инциденти во Јемен. Овие проверки се покренати по дојави и извештаи поднесени од невладини организации кои следат цивилни штети во конфликтните зони.

Истовремено, годишниот извештај на Пентагон не содржи податоци за жртви од операциите што ги спроведува Јужната команда на САД (USSOUTHCOM) во Карибите и Источниот Пацифик. Во извештајот се наведува дека до 1 февруари 2026 година не се регистрирани инциденти во таа зона кои резултирале со цивилни жртви.

Администрацијата на претседателот Доналд Трамп ги зачести нападите врз пловила кои ги сомничи за пренос на наркотици, означувајќи ги нивните посади како „нарко-терористи“. Неофицијалните биланси од септември 2025 година покажуваат дека во тие акции загинале над 200 луѓе.

Организациите за човекови права Human Rights Watch и Amnesty International овие напади ги оценија како противправни вансудски егзекуции, додека Американската унија за граѓански слободи (ACLU) соопшти дека тврдењата на администрацијата се засноваат на неосновани обвинувања.

е-Трн да боцка во твојот инбокс