Пентагон разгледувал мерки против сојузници во НАТО поради Иран

Внатрешна е-пошта од Пентагон наведува можни мерки против Шпанија и Велика Британија поради недоволна поддршка за американските операции поврзани со Иран.

Внатрешна е-пошта од Пентагон наведува можни мерки против сојузници во НАТО кои, според американската администрација, не дале доволна поддршка за време на војната меѓу САД и Израел со Иран, изјави американски функционер за „Ројтерс“. Меѓу опциите се споменуваат суспендирање на Шпанија од алијансата и преиспитување на долгогодишната дипломатска поддршка на Вашингтон за позицијата на Велика Британија околу Фолкландските Острови.

Предлозите ја одразуваат фрустрацијата во администрацијата на Доналд Трамп поради неподготвеноста на дел од сојузниците да им овозможат на американските сили пристап, базирање и права за прелет. Во е-поштата тие права се опишуваат како „апсолутна основа за НАТО“.

Една од опциите конкретно се однесува на Шпанија. Во документот се наведува дека нејзино суспендирање би имало ограничен ефект врз американските воени операции, но значаен симболичен ефект.

САД имаат две големи бази во Шпанија – Морнаричката станица Рота и Воздухопловната база Морон. Според наведениот функционер, Вашингтон е незадоволен од одбивањето на Мадрид да ги зголеми трошоците за одбрана на 5 проценти од БДП, како и од двоумењето околу барањата поврзани со пристап, базирање и прелет.

Шпанија одби и да се приклучи на поморската блокада на Ормускиот Теснец, со образложение дека таков чекор би значел влегување во војна.

Сепак, Основниот договор на НАТО не содржи одредба за суспендирање или исклучување на членка. Претставник на НАТО за „Ројтерс“ изјави дека договорот не предвидува можност за суспендирање на членство во алијансата.

Тоа значи дека евентуален потег би бил политички и неформален, како исклучување од одредени комитети, операции или тела за одлучување, наместо формално повлекување на членството.

Шпанскиот премиер Педро Санчез го минимизираше извештајот пред состанокот на лидерите на ЕУ на Кипар.

„Ние не работиме со е-пошта. Ние работиме со официјални документи и владини позиции“, рече Санчез, опишувајќи ја Шпанија како лојален партнер на НАТО.

Во е-поштата се споменува и можноста за преиспитување на американската дипломатска поддршка за позицијата на Велика Британија околу Фолкландските Острови. Лондон во 1982 година водеше војна со Аргентина за островите, кои Аргентина ги нарекува Малвини.

Портпаролот на британскиот премиер Кир Стармер изјави дека ставот на Велика Британија за Фолкландските Острови е долгогодишен и непроменет.

„Суверенитетот е на Велика Британија, а правото на самоопределување на островите е од најголема важност. Тоа е наш конзистентен став и ќе остане таков“, рече портпаролот.

Е-поштата, според наведениот функционер, не предлага повлекување на САД од НАТО или затворање на американските бази во Европа. Сепак, претседателот Трамп јавно ги критикуваше сојузниците поради тоа што не испраќаат поморски сили за повторно отворање на Ормускиот Теснец и претходно ја споменуваше можноста САД да ја напуштат алијансата.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни