Search

Пелтечење и самодоверба кај младите

По дефиниција, пелтечењето претставува говорно нарушување во кое флуентноста на говорот е прекината со повторувања, пролонгирања или абнормални прекини на гласовите или зборовите (WHO). Но во глобала, пелтечењето претставува една многу покомплексна состојба која е проследена со нарушена флуентност на говорот, прекината со грчеви, затреперување или абнормалност во фонацијата и дишењето, долги паузи, спазми на говорните органи, тикови, пад на самодоверба, анксиозност, психолошки потешкотии, и друго.

Етиологијата на пелтечењето е нешто што е во постојано истражување. Во поголемиот број случаи, како кај децата, така и кај возрасните, причината за појавување на пелтечењето е непозната. Пелтечењето според голем број автори има полиетиолошка природа, па како некои од факторите кои влијаат врз појавата на пелтечењето би ги набројале: генетски предиспозиции, невромускулни фактори, лингвистички фактори, психолошки фактори, неправилно дишење, фактори поврзани со средината, фактори поврзани со секојдневието, други причини.

Пелтечењето кај децата најчесто се јавува како автентично, комуплсивно-спастично пелтечење во развојниот период, додека пак кај возрасните може да се јави како: пелтечење од органски тип (епилепсија, експресивна афазија, Паркинсонова болест), пелтечење од невротски тип (анксиозни, експлозивни, агресивни, хиперсензитивни личности), пелтечење од хистеричен тип (непосредно по доживеан стрес, кое може да биде пропратено со афонија), пелтечење во склоп на тахифемија (тахифемија и логореа), како и пелтечење во склоп на длабоки пореметувања на личноста (Border line синдром и психотични пореметувања).

Тешката форма на пелтечењето се карактеризира со силни запирања во говорот проследени со безгласно отварање и затварање на устата, повторување и продолжување на гласовите и слоговите, вметнување на неадекватни гласови кон одредениот збор, надувување на образите, што доведува до појава на психолошки тешкотии во вид на чувство на анксиозност и срам, намалена самодоверба, срам, потење, триење на рацете или тегнење на ракавите, тикови (пр. движење со телото напред-назад за време на пелтечењето, замавнување со главата, трепкање со очните капаци), како и „измореност” и страв од говорот. Стравот од говор подоцна доведува до посилно пелтечење.

Честопати, лицата кои пелтечат се поинаку гледани од околината, исмевани и ,,покажувани со прст”, што доведува до зголемување на психолошките тешкотии кај лицето кое пелтечи, зголемен пад на самодовербата, повлекување на личноста, што води до влошување на пелтечењето. Алармантно е тоа што секојдневната пракса ни покажува дека голем број млади како причина за појава на своето пелтечење или причина за влошување на своето пелтечење го пријавуваат булингот (врсничкото насилство), што во ниту еден случај не е дозволиво.

Но од друга страна, драго ми е што денес, на лицата кои пелтечат можеме да им понудиме квалитетен и стручен третман, кој значително ќе го промени квалитетот на нивниот живот.

Лицата кои пелтечат ги советувам:

  • споделете го проблемот со вашите најблиски;
  • не се срамете од својот говор, најголемиот срам е да се има срам од себе си;
  • запознавањето на околината со вашиот проблем води до надминување на срамот и предрасудите;
  • едукацијата е решение за секој проблем – едуцирајте се за вашата состојба;
  • не ги собирајте негативните емоции во себе, споделете ги со психолог, побарајте помош од психолог и психијатар, пријавете го булингот;
  • побарајте помош и третман од логопед, логопедот е медицинско лице кое го дијагностицира и успешно го третира пелтечењето;
  • избегнете го стресот, на тој начин што ќе работите на својот личен развој;
  • бидете физички активни, се препорачува пливање, пешачење;
  • користете техники за релаксација – медитација, афирмации;
  • друго.

Како за крај, навремено побарајте стручна помош од логопед, раната превенција, дијагностика и третман се клучен фактор за исходот кај секоја патолошка состојба.

Авторот е клинички логопед – специјалист, м-р по СЕР – интелектуална попреченост и аутизам Центар за психофизичко здравје „Гаспар”

* Колумните се лични ставови на авторите.

Најново

Последни колумни