Парното почна да работи: Што да направите ако радијаторите останат ладни?

Грејната сезона во Скопје започна два дена порано поради заладувањето. Ако радијаторите во вашиот дом сè уште се ладни, причината може да биде во станот или зградата, а не во системот за централно греење.

Утрово започна испораката на топлинска енергија за потрошувачите приклучени на системот за централно греење во Скопје. Почетокот на грејната сезона официјално беше планиран за 15 октомври, но прогнозите за пониски температури овозможија греењето да започне порано.

Според регулативата, грејната сезона може да започне и во периодот од 1 до 15 октомври, доколку прогнозата за средната дневна надворешна температура за наредниот ден изнесува 12 степени или помалку. За 13 октомври, УХМР прогнозираше средна температура од 12 степени.

Во текот на октомври и првата половина на ноември, интензитетот на греењето ќе се приспособува на надворешните температури. Кога времето ќе биде потопло, испораката ќе се намалува или привремено ќе се прекинува, а при заладување повторно ќе се зголемува. Затоа, млак радијатор во попладневните часови не мора да значи дека има дефект.

Што да проверите ако радијаторите се ладни?

1. Вентилите

Проверете дали вентилите на радијаторите се целосно отворени. Можно е да сте ги затвориле во текот на летото и да сте заборавиле да ги отворите.

2. Воздух во радијаторот

Ако радијаторот е топол во долниот, а ладен во горниот дел, можно е во него да има воздух. Ако знаете безбедно да ја изведете постапката, полека испуштете го воздухот со клуче за вентил, поставувајќи сад и крпа под него. Постапката треба да продолжи внимателно, сè додека не почне да истекува вода. Ако не сте сигурни како правилно да го направите тоа, побарајте помош од стручно лице.

3. Проверете дали зградата е исклучена

Проверете дали вашиот објект се наоѓа на списокот на објекти во кои нема услови за испорака на топлинска енергија, објавен на веб-страницата на ЕСМ Снабдување со топлина.

4. Проверете ја топлинската потстаница и снабдувањето со струја

Заедницата на сопственици треба да обезбеди непречен пристап за службените лица до топлинската потстаница, редовно снабдување со електрична енергија и навремено плаќање на сметките за струја во заедничките простории. Ако потстаницата нема струја, нема да може да функционира ниту испораката на парно.

5. Проверете дали се завршени поправките на инсталациите

Ако во зградата се изведувале интервенции на инсталациите, нивното завршување треба веднаш да се пријави во Центарот за грижа на потрошувачи, за да може да се овозможи снабдувањето со топлинска енергија.


Каде да пријавите проблем?

За секој проблем кој не можете да го решите самим јаветет се на телефоните на Центар за грижа на потрошувачи: 02 3076 200 и 075 400 100. Служби на ЕСМ Енергетика: 02 3104 816 и 02 3104 872.

е-Трн да боцка во твојот инбокс