Групната изложба „Паралелно“, на која ќе бидат претставени делата на Ванеса Ода, Нина Богуновиќ Петреска, Бранко Манчев и Есра Дехар, ќе биде отворена на 1 октомври во 20 часот, во Мобилната/Монтажната галерија во Паркот на франкофонијата во Скопје.
Изложбата обединува четворица автори, четири различни погледи и еден заеднички простор за дијалог. Таа претставува средба на различни визуелни јазици, индивидуални искуства и уметнички позиции.
Како паралелни линии што се движат во различни насоки, делата на авторите се среќаваат во истиот изложбен простор, отворајќи можност за нивно меѓусебно поврзување и ново читање.
„Паралелно“ не настојува да понуди конечни одговори, туку создава простор за набљудување, интерпретација и средба меѓу уметничките дела, авторите и публиката.
Зад изложбата стои групата „Концепт“, составена од Ванеса Ода, Нина Богуновиќ Петреска, Бранко Манчев и Есра Дехар.
Проектот е финансиски поддржан од Министерството за култура и туризам и од Општина Центар.