Папата Лав XIV ја повика Црквата да ги сослуша жртвите на злоупотреба

Папата Лав XIV упати силен повик до Католичката црква да покаже поголема одговорност кон жртвите на сексуална злоупотреба, нагласувајќи дека нивните сведоштва мора да бидат слушнати, а неправдите признаени. Пораката ја испрати за време на посетата на Шпанија, каде што се очекуваше и средба со жртви на злоупотреби.

Папата Лав XIV ја осуди сексуалната злоупотреба во рамките на Црквата, нарекувајќи ја „рана што сè уште не е зарасната“ и побара поголема посветеност на вистината, правдата и обесштетувањето на жртвите. Тој истакна дека црковната заедница мора да одговори преку внимателно слушање, заштита на жртвите и создавање култура на грижа и превенција. 

Во обраќањето до шпанските бискупи, папата порача дека секој човек кој бил повреден од злоупотреба треба да добие искрено внимание, поддршка и реална можност за закрепнување. Според него, справувањето со овие случаи не смее да биде само формална обврска, туку трајна заложба на Црквата. 

За време на посетата на Шпанија беше најавена и средба со жртви на сексуална злоупотреба. Ватикан соопшти дека разговорите ќе се одвиваат со почит кон приватноста на жртвите, додека дел од здруженијата на жртви изразија незадоволство бидејќи сметаат дека не биле вклучени доволно претставници. 

Папата уште претходно нагласуваше дека жртвите на злоупотреба не смеат да бидат оттурнати или игнорирани и дека Црквата мора да покаже поголема близина и поддршка кон нив. 

Случаите на сексуална злоупотреба во Католичката црква со години предизвикуваат силни реакции во многу земји. Во Шпанија, според официјални проценки, стотици илјади малолетници биле жртви на злоупотреби од страна на свештени лица во текот на изминатите децении, поради што државата и Црквата започнаа процес за обесштетување на жртвите.

е-Трн да боцка во твојот инбокс