Папата Лав XIV одржа миса во Мадрид пред 1,2 милиони верници

Повеќе од 1,2 милиони верници присуствуваа на мисата на папата Лав XIV во Мадрид. Тој повика на дијалог, солидарност и надминување на општествените поделби.

Папата Лав XIV во неделата одржа голема миса на отворено во центарот на Мадрид, на која присуствуваа околу 1,2 милиони верници, според официјалните податоци. Настанот на плоштадот Сибелес претставува едно од најмасовните собирања на верници на неговите богослужби откако беше избран за поглавар на Католичката црква минатата година.

Во својата порака, папата нагласи дека верата не треба да остане само лична и приватна работа, туку треба да биде присутна и видлива во секојдневниот живот и во општеството. Тој посебно ја истакна важноста на солидарноста со сиромашните, осамените и заборавените луѓе.

Посетата на Шпанија веќе доби и политичка димензија, откако папата претходно предупреди на растечката поларизација и поделби во современите општества. Според него, човечкото достоинство сè уште е изложено на бројни предизвици, а светот има потреба од повеќе дијалог и помирување.

Лав XIV повика на прифаќање на различностите како богатство, наместо потпирање на поделби, ѕидови и конфликти. Тој истакна дека образованието има клучна улога во надминувањето на омразата и градењето меѓусебно разбирање.

Повторувајќи ја својата главна порака, папата порача дека никој не може искрено да му се моли на Бога, а истовремено да чувствува омраза кон својот ближен. Во рамките на посетата, тој подоцна учествуваше и на средба со претставници од културата, уметноста, бизнисот и спортот во арената „Мовистар“ во Мадрид.

е-Трн да боцка во твојот инбокс