Ова се најпреценетите туристички атракции во Европа: гужви, високи цени и разочарани посетители

Нова анализа открива кои европски туристички атракции се сметаат за најпреценети, вклучувајќи ги Версај, Парк Гуел и Сикстинската капела, поради гужви, високи цени и лошо искуство.

Нова анализа на германската платформа за споредба на цени Idealo откри кои популарни туристички атракции во Европа најчесто се сметаат за преценети од страна на посетителите. Истражувањето се базира на рецензии од туристи, при што биле земени предвид фактори како просечни оценки, гужви, чистота и односот меѓу цената и искуството.

Версај на врвот на листата

На првото место се најде дворецот Версај во близина на Париз, еден од најпознатите европски историски комплекси. И покрај високата оценка од 4,7 ѕвезди на Google, многу посетители се жалат на преголеми гужви, долги редици и дополнителни трошоци за одделни делови од комплексот.

„Ова е само уште една туристичка замка. Сè е преполно, а за секој дел од дворецот се плаќа посебна влезница“, наведува еден посетител.

Други туристи забележуваат дека во услови на голема гужва е тешко да се ужива во обиколката, а дел од нив сметаат дека просторот може да биде и небезбеден поради пренатрупаност.

Парк Гуел и Сикстинската капела исто меѓу најпреценетите

На второто место се најде Парк Гуел во Барселона, познат по делата на Антони Гауди. Дел од посетителите го опишуваат како скап и пренатрупан туристички објект, иако други го фалат неговиот уникатен изглед и архитектура. Третопласирана е Сикстинската капела во Ватикан, каде туристите најчесто се жалат на гужви, ограничено време за разгледување и забрана за фотографирање.

Меѓу 10-те најпреценети атракции се наоѓаат и дворецот Нојшванштајн во Германија, прашкиот дворец во Чешка, Кривата кула во Пиза, Бранденбуршката порта во Берлин, Триумфалната порта во Париз, Лувр во Париз и Ајфеловата кула во Париз.

Иако овие атракции се меѓу најпосетуваните во светот, дел од туристите сметаат дека реалното искуство не секогаш ги оправдува високите очекувања. Гужвите, високите цени и ограниченото време за разгледување се најчестите критики, но сепак многу од овие локации остануваат симбол на европската култура и историја.

е-Трн да боцка во твојот инбокс