„Ова не е партиски митинг, ова е собир за почит“ – порачаа денес студентите на вториот студентски час

Денес се одржа вториот студентски собир кај кампусот на техничките факултети, посветен на жртвите од трагедијата во Кочани. За разлика од вчерашниот собир, овојпат немаше говори, ниту политички претставници – само тишина и искрена почит.

Студентите во знак на солидарност и жалост, со седумминутен молк, оддадоа почит на загинатите и на повредените кои се борат за живот. Присутни беа неколку стотини студенти од различни факултети, без присуство на полиција, но со засилено приватно обезбедување.

„Ова не е партиски митинг, ова е собир за почит“
Некои од студентите споделија свои размислувања за вчерашниот собир, на кој имаше говори:

„Сметам дека вчерашниот говор воопшто не требаше да се одржи. Денес беше многу поисправно – без говори, со седумминутен молк. Ова не е партиски митинг, туку собир за да изразиме сочувство.“

„Ако некој требаше да зборува, тоа требаше да сме ние – младите, студентите, средношколците, граѓаните. Вакви настани не треба да се политизираат.“

Безбедноста во ноќниот живот – прашање што повеќе не може да се игнорира
Трагедијата ја отвори и темата за безбедноста во ноќниот живот. Студентите велат дека несреќата длабоко ги потресе и дека повеќе не се чувствуваат безбедно кога излегуваат:

„Додека не се случи ова и многу други несреќи во последниве месеци, не бевме доволно свесни за ризиците. Сега сфаќам дека нигде не сме целосно безбедни.“

„Страв ми е. Од сега ќе внимаваме каде одиме, како се организираат местата каде што излегуваме. Безбедноста мора да биде приоритет.“

„Не сакам да морам да бирам помеѓу забава и безбедност. Сакам да можам да излезам каде што ми е убаво, но и каде што знам дека сум сигурен.“

Студентите остануваат обединети во желбата трагедијата да не се заборави и да се преземат мерки за поголема безбедност во јавните простори.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни