Која е улогата на МПЦ во моментов во општеството во кое функционира? Што им дава на своите верници и следбеници? Ја приопштува ли љубовта и го збогатува и прави посреќно секојдневието на оние кои безрезервно ја сакаат и й веруваат? Или им го полни срцето со страв, теории на заговор и омраза, отров кој треба да донесе поделби, насилство и немир кај сите?

Упадот пак во секуларноста е крајно загрижувачки, а треба да биде дури и за оние кои ја поддржуваат. Добата во која црква имала државна моќ ја нарекуваме мрачна доба. „Темниот среден век“. И тоа не е само фраза. Зад таа фраза има историја за најбруталните режими кои владееле преку страв, корупција и прогон. Најголемата моќ им доаѓала, што би рекле денес имајќи го Бог на „спид дајл“. Предмет на лично видување, хир, фрустрација е кого денес ќе прогласиме за отпадник, ѓавол, вештерка… ненормален. Или како што ќе рече една анкетирана поддржувачка на „протестот“ на МПЦ – сето тоа за мене, за моите вредности е ненормално, дообјаснувајќи – јас мислам дека доаѓаат генерации нездрави, психички нездрави генерации. Јас го едуцирам моето внуче така како што моите родители ме воспитале, сите човечки вредности кои досега си ги имаме да си ги задржиме без никакви измени понатака!

Токму овие стравови ги разгорува МПЦ и го собра своето „стадо“ не за да возљуби, да сочуствува, подаде рака и да помогне, не, туку за да мрази. Да суди. Да ги дехуманизира, омаловажи и да ги направи лесен таргет најмаргинализираните групи. Но и половина од државата. И на жената МПЦ и го покажа местото кај и е. А ако не сте со МПЦ може некрстени, невенчани, неиспеани на погреб да ве стават во ладна земја. Каков траорен „водач“.
Но да не се лажеме, не е ова нешто што на МПЦ „и текна“. Овој повампирен фашизам, овој наратив и паниката цветаа последнава декада-две глобално, и последниов период глобално понуваат да пукаат по шавови низ рововите на Запорожје. Кај нас сега го зема сиот замав, како некој да притиснал копче, рефлекторите се запалија и крвавите сцени можат да почнат. Како претстава од некој култ на стравот, деструкцијата и смртта.

МПЦ се инструментализира и се стави во воено фашистичката машинерија на еден однапред осуден на пропаст обид за глобално наметнување на тоталитаризмот кој неповратно оди на озлогласените гумења од историјата. И покрај цикличлните обиди да се наметне. Запрепастува милитантноста, дури и користење на воиен речник од свештенството – за нив маргинализираните заедници, О парадоксе – се „агресор“, веројатно од премногу читање Спутник. Опасна е позицијата на моќ која си ја доделува клерот на МПЦ, прекршувајќи едно од сопствените правила – не суди. Барем кај нив е кристално јасно кој е судија. Да се работеше за држава ќе речевме дека се случил државен удар, некој ја презел моќта и улогата што (би требало) ја има некој друг, легитимен.
Ваквото дејствување на МПЦ само на кратковидите им се чини успешно, краткорочно секако успева да ги поттикне најниските страсти. Но долгорочно ќе и причини огромна штета, ќе ги испразни црквите и ќе ја продолжи перцепцијата за една корумпирана организација, која со џипот не стигна далеку на патот кон моралните височини. Посебен круг во пеколот заслужува нивната злоупотреба на моќта. Кога една толку моќна институција ќе ја искористи својата моќ за да таргетира и стави под ризик од насилство една мала група, „традиционално“ маргинализирана и едвај видлива во општеството, тоа е злоупотреба на моќта. А волците на оваа отровна и застрашувачка кампања се во јагнешка кожа. Употребувајќи ги сите можни „стравотактики“, вклучувајќи и злоупотреба на децата. И тоа заслужува посебен круг во пеколот.

Јас овде нема да пишувам за законите, потребата итн. затоа што имаше и ќе има јавни дебати за тоа. Секој кој има интерес треба да се вклучи во нив. А медиумите би требало да им дадат простор барем колку што доби „протестот“ на МПЦ. Иако повеќемината таму ниту ги имаат прочитано законите против кои протестираат. Тоа прашање ниту еден медиум не видов да го постави на присутното мнозинство кое се бори за да може да продолжи да угнетува и да бара среќа во туѓата несреќа.