Откриен птичји грип и во Злокуќани

Агенцијата за храна и ветеринарство потврди нов случај на болеста високо патогена авијарна инфлуенца H5N1 (птичји грип) кај 1 угината дива птица – гуска во резиденцијалниот комплекс Свети Јован во скопско Злокуќани.
Фото: SciTechDaily.com

Од АХВ известуваат дека направиле лабораториско тестирање на две живи птици, лебеди, кај кои не било утврдено присуство на вирусот, а на терен се заловуваат другите птици во комплексот, за лабораториско тестирање.

АХВ донесе решение за прогласување на болеста и нареди спроведување на заштитни и контролни мерки, со цел спречување на ширење и сузбивање на оваа зооноза – убивање и нештетно отстранување на затекнати диви птици на локацијата, освен птиците кои се чуваат во затворен простор и од кои се земаат мостри за лабораториско тестирање за утврдување на присуство на птичји грип,  наредено е спроведување на дезинфекција на одгледувалиштето, забрането е движење на живина и други птици во и од одгледувалиштето без одобрение на официјален ветеринар.

Покрај овие мерки наредено е и затворање на живината/птиците во нивните одгледувалишта, земање на мостри од угинати птици за утврдување на присуство на вирусот, забрана за одржување на саеми, изложби, пазари и други собири на живина или птици од наведеното епизотиолошко подрачје. 

Болеста најчесто се шири преку птиците преселници кои се сметаат за нејзин резервоар, велат од АХВ. Се работи за зооноза од која првенствено заболуваат птиците, но и луѓето и затоа АХВ  апелира на внимателност и преземање на заштитни мерки  за категориите на лица кои се изложени на ризик (близок контакт со заразени птици или во високо контаминирана средина).

Претходно месецов птичји грип беше потврден и во Зоолошката градина во Скопје, кога вработени во АХВ усмртија 35 птици во Зоолошката градина, која по акцијата се донесе одлука да остане затворена 21 ден.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни