Осум пожари сè уште беснеат низ Македонија: Огнот кај Струмица ставен под контрола

Од 31 пожар, 23 се целосно изгаснати. На различни локации гореле ниска вегетација, шума, стрништа, депонии, отпад и овоштарници.

Вкупно 31 пожар на отворено бил регистриран во Македонија во изминатото деноноќие, од кои осум сè уште се активни, а 23 се изгаснати, информира Центарот за управување со кризи. Меѓу најголемите пожари беше и оној кај Струмица, кој вчера се прошири од Водоча и Баница кон месноста Софилар. Според командирот на ТППЕ Струмица, Александар Гудев, пожарот е ставен под контрола на целиот потег, освен едно тешко пристапно жариште кај Водоча.

Во еден момент огнот стигнал и до дворовите на куќи и викендички во Софилар. Сепак, според градоначалникот Петар Јанков, нема поголема материјална штета. Во гаснењето учествувале пожарникари од Струмица и околните градови, „ер трактор“ на ДЗС и механизација за пробивање противпожарни пречки.

Каде сè уште гори?

Активни пожари се регистрирани на повеќе локации:

  • Прилепско – кај селото Бонче, каде гори ниска вегетација;
  • Моране – Вртекица – Рамни Габер, со крак кон Палиград;
  • Зелениково – над селото Вражале, каде гори мешана шума;
  • Студеничани – кај Цветово, на стариот пат кон Елово;
  • Македонски Брод – кај Видуш, Драгов Дол и Локвица;
  • Кичевско – кај Тајмиште, во месноста Дарда, каде гори високостеблеста букова шума;
  • Врапчиште – кај Ломница и Ѓурѓевиште;
  • активни жаришта има и во Маврово и Ростуше и Желино.

Од 31 пожар, 23 се целосно изгаснати. На различни локации гореле ниска вегетација, шума, стрништа, депонии, отпад и овоштарници. Во Гостиварско, пожарот кај Теново е изгаснат, но огнот претходно зафатил ниска вегетација и две стари куќи.

е-Трн да боцка во твојот инбокс