Општина Центар на 12 септември, со почеток во 20 часот, во Паркот на Франкофонија по четврти пат ќе го одржи музичкиот настан „Нешто што ќе остане“. Овогодишното издание има посебно значење бидејќи директно се поврзува со одбележувањето на големиот јубилеј – 50 години од основањето на општината, што официјално го најави градоначалникот Горан Герасимовски.
На отворената сцена во паркот публиката ќе има можност да проследи настапи на повеќе генерациски популарни домашни музичари. Програмата опфаќа различни жанрови преку настапите на Слаткар, Дупер, Барбара Поповиќ, Лина Пејовска и дуото 2 Бона, кои заедно со граѓаните ќе го одбележат половинавековното постоење на централната скопска општина.
Градоначалникот Герасимовски нагласи дека целта на манифестацијата од самиот почеток е промоција на домашната уметничка сцена. Според него, локалната заедница има јасна обврска континуирано да им обезбедува сцена и видливост на македонските музичари, уметници и автори, наместо фокусот да биде ставан на надворешни комерцијални проекти.

„Оваа година за Центар е навистина посебна – славиме 50 години од нашата општина. Половина век Центар, половина век приказни, генерации, култура и настани што оставиле свој белег. Затоа сакавме овој голем јубилеј да го одбележиме онака како што му доликува – заедно со нашите граѓани и со најдоброто од македонската музичка сцена. ‘Нешто што ќе остане’ го организираме по четврти пат и особено ми е драго што токму годинава имаме навистина силна програма. Од самиот почеток имавме една јасна идеја – нашите настани да бидат простор за македонските музичари, уметници и автори. Имаме одлични домашни артисти и наша обврска е да ги поддржуваме, да им даваме сцена и публика и да покажеме дека го цениме она што го имаме дома. Тоа е нешто на што сум особено горд и нешто по што сакам Центар да продолжи да се издвојува” изјави Герасимовски.
Јубилејот претставува потсетување на петте децении општински развој, локална култура и урбан живот кои оставија препознатлив белег врз главниот град. Настанот е замислен како собир со отворен пристап кој треба да привлече граѓани од сите возрасти во едно од најпознатите скопски парковски шеталишта.

Организаторите очекуваат голема посетеност, упатувајќи повик не само до жителите на Центар, туку и до сите скопјани да бидат дел од музичката програма. Главната порака на манифестацијата е преку заедничко дружење и македонска музика да се создадат нови трајни урбани спомени за градот.