ОпенАИ ѝ го отвора „Daybreak“ на Украина: ВИ ќе ги бара слабостите во критичната инфраструктура

Украинските тимови ќе добијат пристап до напредни алатки за откривање софтверски пропусти, развој и тестирање закрпи, како и обука и техничка поддршка

Американската компанија ОпенАИ ѝ овозможува на украинската влада пристап до својата програма „Daybreak“, наменета за сајбер-одбрана со помош на вештачка интелигенција. Целта е да им помогне на украинските тимови побрзо да ги откриваат безбедносните пропусти во системите на критичната цивилна инфраструктура и да развиваат решенија за нивно отстранување.

Партнерството е договорено со Министерството за дигитална трансформација на Украина, а пристапот ќе го имаат проверени украински тимови. Освен алатките, ОпенАИ најави и обука и техничка поддршка за нивно користење.

Според компанијата, „Daybreak“ е дел од поширока програма за ставање на напредните ВИ алатки за сајбер-безбедност директно во рацете на тимовите што ја штитат критичната инфраструктура.

Од откривање на пропустот до негово поправање

Програмата е дизајнирана за задачи како континуирано скенирање на кодот, проверка и потврдување на безбедносни наоди, автоматизација на закрпи, анализа на малициозен софтвер, лов на закани и тријажа на ранливости. Токму брзината е еден од клучните мотиви зад партнерството. Украинските сајбер-бранители секојдневно обработуваат голем број безбедносни настани, а ВИ може да помогне побрзо да се утврди кои од нив претставуваат реална закана.

Според украинскиот претставник Дмитро Кушнерук, украинскиот центар за одговор на компјутерски инциденти регистрира околу 6.000 сајбер-напади годишно, односно приближно 15 дневно. ВИ може да помогне во пописот на системите, анализа на кодот, проверка дали одредена ранливост навистина може да биде искористена, приоретизирање на најкритичните системи и развој и тестирање на закрпи.

Целта, како што беше истакнато на настанот на ОпенАИ во Њујорк, не е да ги замени сајбер-бранителите, туку да им овозможи побрзо да ги анализираат заканите и да реагираат.

Украина под постојан сајбер-притисок

ОпенАИ наведува дека Украина се соочува со континуирани сајбер-напади поврзани со Русија, паралелно со физичките напади врз инфраструктурата. Украинските болници, енергетскиот сектор, телекомуникациските системи и другите услуги од кои зависат граѓаните се меѓу инфраструктурите што се соочуваат со сајбер-закани.

Партнерството со Украина доаѓа во рамките на пошироката иницијатива „Daybreak for Frontline Defenders“, која ОпенАИ ја започна во септември и за која компанијата најави глобална обврска од една милијарда долари за субвенциониран пристап до сајбер-модели, обука, техничка поддршка и партнерства. ОпенАИ претходно најави дека своите модели за сајбер-безбедност ги става на располагање и на други институции и партнери. Програмата „Daybreak“ има различни нивоа на пристап, со дополнителни безбедносни контроли и услови за одобрена употреба.

За Украина, ваквата технологија доаѓа во момент кога брзината на откривање и поправање на дигиталните слабости станува дел од пошироката заштита на цивилната инфраструктура.

е-Трн да боцка во твојот инбокс