Европа е зафатена од еден од најсилните топлотни бранови во последните години, а метеоролозите предупредуваат дека екстремната жештина наскоро ќе пристигне и на Балканот. Причината е таканаречениот „Омега блок“ – атмосферски феномен што создава долготрајни периоди на стабилно и исклучително топло време.
Во Франција, Шпанија и Италија температурите веќе достигнуваат и надминуваат 40 степени Целзиусови, додека делови од Велика Британија бележат вредности до 38 степени. Поради опасноста по здравјето, во повеќе земји се активирани највисоки нивоа на предупредувања. Во јужна Англија и Велс е прогласен црвен аларм, а властите ги советуваат граѓаните да избегнуваат непотребни патувања. Повеќе од 1.000 училишта работат со скратено работно време или се привремено затворени поради жештините.
„Тешко беше да се спие. Дури ни вентилаторот не помогна многу“, изјави жителка на Лондон за британските медиуми.
Во Франција ситуацијата е уште потешка. Температурите во некои региони достигнуваат меѓу 40 и 42 степени, а огромната потрошувачка на електрична енергија предизвикала прекини во снабдувањето за повеќе од 68.000 домаќинства. Без струја останале илјадници луѓе токму во моментите кога климатизерите и вентилаторите се најпотребни. Поради екстремните услови, привремено е ограничен и пристапот до Ајфеловата кула, што предизвика незадоволство кај туристите.
На опасностите од топлотниот бран предупреди и генералниот секретар на Обединетите нации, Антонио Гутереш.
„Климатските катастрофи стануваат сè почести, поскапи и поразорни. Светската метеоролошка организација предупредува дека допрва ќе се соочуваме со уште потешки последици“, изјави Гутереш.
Според прогнозите, температурите во следните денови дополнително ќе растат, а топлотниот бран постепено ќе се движи кон исток. Метеоролозите предупредуваат дека Балканот, вклучително и Македонија, би можел да се соочи со првите сериозни удари на екстремната жештина веќе во наредните денови.
Лекарите апелираат граѓаните да избегнуваат изложување на сонце во најтоплиот дел од денот, да внесуваат повеќе течности и посебно да се грижат за децата, постарите лица и хронично болните, кои се најранливи на високите температури.