Огромен украински напад со дронови врз Русија – на мета и Москва, нападнати неколку региони

Украина изврши масовен напад со дронови врз Русија – нападнати Москва, Санкт Петербург, Смоленск и пристаништето Приморск. Повредени нема, но има пожари и штета. Стратегијата на Киев станува поагресивна.

Во текот на ноќта е извршен масовен напад со беспилотни летала (дронови) врз повеќе региони низ Русија, вклучително и главниот град Москва и Санкт Петербург, пренесуваат руски официјални лица и медиуми во петок наутро. Според првичните информации, нападите предизвикале пожари на брод во пристаништето Приморск и во постројка на Лукоил во Смоленск, јавува Kyiv Independent.

Ситуацијата во Ленинградската област

Гувернерот на регионот, Александар Дрозденко, изјави дека над областа се соборени над 30 дронови. Остатоци од дроновите паднале на повеќе локации во градот Тосно, околу 53 километри оддалечен од Санкт Петербург, но според него, нема жртви или значителна материјална штета. Остатоци биле пронајдени и во селата Всеволожск, Покровскоје и Узмино.

Нападот предизвикал и пожар на пловило во пристаништето Приморск – најголемото руско пристаниште за извоз на нафта на Балтичко Море. Пожарот бил брзо изгаснат, а властите тврдат дека нема опасност од потонување или истекување на нафта. Поради заканата од нови напади, аеродромот Пулково во Санкт Петербург привремено бил затворен, што предизвикало доцнења или откажување на речиси 50 летови.

На мета и главниот град Москва

Градоначалникот на Москва, Сергеј Собјанин, објави дека најмалку девет украински дронови биле соборени во близина на главниот град. Итни служби се испратени на местата каде паднале остатоците, но детали за штетата не се соопштени.

Во меѓувреме, неколку руски Телеграм канали јавуваат за експлозии во населбите Можајск и Дедовск, западно од Москва.

Пожар во постројка на Лукоил

Во градот Смоленск, нов бран дронови предизвикал активирање на противвоздушната одбрана. Гувернерот Василиј Анохин потврди дејствување, но не даде повеќе детали. Снимки од опожарено постројка на Лукоил со густ чад и пламени се појавија на социјалните мрежи, но точната локација не е официјално потврдена.

Украинската стратегија – удари длабоко во Русија

Украинската армија сѐ уште нема дадено официјален коментар за нападите. Но познато е дека Украина во последните месеци ја смени стратегијата со дронови – наместо само одбрана, започна чести удари врз критична инфраструктура во внатрешноста на Русија, со цел да го направи војниот конфликт видлив за руското население.

Овој напад се случува само неколку дена по најголемиот руски напад со дронови и ракети врз Киев и по нарушувањето на воздушниот простор на Полска од руски дронови.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни