Џеј Ди Венс жали за Орбан: ова е „многу, многу лошо“ за САД

Американскиот потпретседател отворено застана зад Виктор Орбан и оцени дека неговиот изборен пораз претставува удар за интересите на САД во Европа.
Фото: Facebook

Американскиот потпретседател Џеј Ди Венс призна дека изборниот пораз на Виктор Орбан во Унгарија е сериозен удар за американските интереси, оценувајќи дека тоа е „многу, многу лошо“ за САД. Во интервју за Fox News, Венс рече дека Вашингтон свесно застанал зад Орбан затоа што го сметал за еден од ретките европски лидери подготвени отворено да ѝ се спротивстават на бриселската бирократија.

Венс притоа го опиша Орбан како извонреден лидер кој, според него, извршил трансформативна улога за Унгарија во изминатите 16 години. Но, и покрај јасното жалење за неговиот пораз, американскиот потпретседател додаде дека САД ќе работат и со новата влада во Будимпешта, која ќе ја предводи Петер Маѓар.

Изјавата доаѓа само неколку дена откако Венс ја посети Будимпешта и јавно ги повика Унгарците да го поддржат Орбан на изборите. Сепак, наместо нов мандат за досегашниот премиер, гласачите ѝ дадоа убедлива победа на опозициската партија Тиса на Петер Маѓар, која освои двотретинско мнозинство во парламентот и отвори простор за длабоки институционални и антикорупциски реформи.

Орбан со години беше еден од најблиските европски политички сојузници на Доналд Трамп и симбол на моделот што дел од американската десница го гледаше како пример за „нелиберална демократија“.

Со победата на Маѓар, Унгарија сега најавува враќање кон поизразено проевропски курс, реформи во владеењето на правото и обид да се одмрзнат европските фондови што со години беа блокирани поради спорните политики на Орбан.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни