Речиси четири децении откако катастрофата во Чернобил ја поттикна Италија да се откаже од нуклеарната енергија, владата на премиерката Џорџа Мелони ги поставува темелите за нејзино враќање во националниот енергетски систем. Рим се потпира на помладата генерација граѓани кои гледаат на нуклеарните централи како на клучен извор на нискојаглеродна струја, корисен инструмент во борбата против климатските промени и начин да се обезбеди стабилно снабдување со енергија во услови на глобални геополитички кризи. Властите веруваат дека ваквата поддршка ќе го надвладее отпорот на постарите граѓани, кои сè уште ги помнат ризиците од 1986 година и кои двапати на референдуми го одбија враќањето на атомската енергија. И покрај тоа, италијанскиот парламент се подготвува да ги изгласа законските рамки за новата генерација нуклеарни технологии, по што владата ќе има рок од една година да ги дефинира стандардите за безбедност, лиценцирање, управување со отпадот и избор на локации.
За разлика од земјите како Франција и Полска кои веќе ги прошируваат своите нуклеарни капацитети, Италија се соочува со предизвикот повторно да изгради индустрија што гласачите целосно ја размонтираа по референдумот во 1987 година и дополнително ја потврдија таквата одлука по несреќата во Фукушима во 2011 година. Сегашната влада тврди дека растечката побарувачка за електрична енергија, која според проценките ќе порасне за над 30 проценти во следните десет години, бара поширок микс од извори кои не може да се осколат само на обновливите извори. Наместо изградба на масивните централи од минатото, фокусот е ставен на таканаречените мали модуларни реактори. Поддржувачите тврдат дека овие реактори од третата напредна генерација се значително побезбедни, пофлексибилни и побрзи за изградба, а нивното прво оперативно активирање се очекува помеѓу 2033 и 2035 година.
Промената во јавното мислење најсилно се чувствува кај помладите италијанци кои ја немаат меморијата за студеновоените катастрофи. Неодамнешните анкети покажуваат дека околу 55 проценти од граѓаните го поддржуваат овој тек, при што помладата популација напредокот го согледува низ призмата на еколошката одржливост и технолошкиот развој. Сепак, економските аналитичари и критичарите предупредуваат дека високите трошоци остануваат најслабата точка на овој план. Изградбата на еден таков реактор може да чини помеѓу три и шест милијарди евра уште пред вклучувањето на инфраструктурните трошоци, а технологиите сè уште не се комерцијално докажани на масовно ниво. Дополнително, експертите посочуваат дека нуклеарната енергија нема веднаш да ги намали сметките за струја, што го прави овој проект финансиски ризичен.
Покрај финансиските сомнежи, најголемата политичка пречка лежи во пронаоѓањето соодветни локации за изградба на реакторите и складирање на нуклеарниот отпад. Италија сè уште нема изградено национално депо за постоечкиот отпад од минатото, а истражувањата покажуваат дека дури шест од десет Италијанци се против тоа во нивната матична провинција да се гради нуклеарна инфраструктура. Опозициските партии и еколошките здруженија веќе најавуваат можност за нови референдуми доколку започне конкретната реализиција на терен, што значи дека прашањето за нуклеарната иднина на Италија дополнително ќе ја бранува политичката сцена.