Редок, опасен и сè уште недоволно истражен, хантавирусот Андес повторно го привлече вниманието на светската јавност по епидемијата поврзана со крузерот MV Hondius, каде досега се регистрирани осум случаи и неколку смртни исходи. Иако Светската здравствена организација уверува дека ризикот за глобалната популација е низок, експертите внимателно го следат вирусот поради неговата ретка способност да се пренесува од човек на човек.
„Ова не е КОВИД. Ова не е ниту грип“, предупредува д-р Лусил Блумберг, специјалист за заразни болести од Јужна Африка. Според неа, станува збор за многу невообичаен вирус, чие ширење најчесто бара близок и ограничен контакт во специфични услови.
Научниците повторно се навраќаат на епидемијата во аргентинското село Епујен во 2018 година, кога 36 луѓе се разболеа, а 11 починаа. Истражувањето објавено во престижниот „New England Journal of Medicine“ покажало дека вирусот Андес има многу краток, но интензивен период на заразност, најчесто на самиот ден кога заразениот добива треска.
Еден од најшокантните примери бил случајот на пациент кој на роденденска прослава заразил пет лица за само 90 минути престој. Дел од нив биле во краток контакт со него, а едно лице било заразено по само неколку моменти поминати во близина на пат кон тоалетот.
Сепак, експертите нагласуваат дека ваквото пренесување е исклучително ретко. Најчесто, луѓето се заразуваат преку контакт со урина, плунка или измет од заразени глодари. Во Јужна Америка, вирусот го пренесуваат долгоопашести оризови стаорци, кои често живеат во близина на населени места и депонии.
Токму депонија во Аргентина е една од главните хипотези за почетокот на актуелната епидемија на крузерот. Според аргентинските власти, холандски пар најверојатно бил изложен на вирусот додека набљудувал птици во близина на депонија пред да се качи на бродот.
Дополнителен проблем е долгиот период на инкубација. Симптомите може да се појават дури по две до шест недели, што значително го отежнува следењето на контактите и контролата на евентуалното ширење.
И покрај загриженоста, Светската здравствена организација уверува дека моменталната ситуација не претставува глобална закана. Но, вирусот Андес останува под внимателен мониторинг поради високата смртност, инфекцијата може да биде фатална во дури 40 проценти од случаите.
Во меѓувреме, здравствените власти во Европа, Африка и Јужна Америка продолжуваат со следење на патниците од крузерот MV Hondius, додека експертите предупредуваат дека е можно да се појават и нови случаи во наредните недели.