Објавена наводна проштална порака на Џефри Епстин пронајдена во затворот пред смртта

Суд во Њујорк дозволи објавување на документ со наводна проштална порака на Џефри Епстин од 2019 година.

Федерален судија во Њујорк дозволи објавување на документ кој наводно содржи проштална порака на покојниот финансиер и осуден сексуален престапник Џефри Епстин, јавува Reuters.

Епстин бил пронајден мртов во својата затворска ќелија на Менхетен во август 2019 година, а неговата смрт официјално била прогласена за самоубиство. Наводната рачно напишана порака ја пронашол осудениот убиец и поранешен полицаец Николас Тарталјоне, со кој Епстајн делел ќелија околу две недели во јули 2019 година.

Судијата Кенет Карaс одлучил дека нема правна основа документот да остане таен. Тој не ја потврдил автентичноста на пораката, ниту се занимавал со тоа кој и кога ја пронашол.

„Ниту една страна не наведе убедлива причина документот да биде запечатен“, навел судијата.

Содржина на пораката

Според судските документи, во пораката стои:

„Ме истражуваа еден месец – не најдоа ништо! (Само) 15 години стари обвиненија.“

„Привилегија е да можеш да избереш кога ќе се збогуваш. Што сакате да направам – да плачам? Не е забавно – не вреди!“

Во јули 2019 година Епстин веќе имал пријавен инцидент во затворот, кога бил пронајден со повреди на вратот. Дел од извештаите укажуваат на можен обид за самоубиство, но околностите остануваат нејасни. Тој прво го обвинил Тарталјоне дека се обидел да го убие, но подоцна ја повлекол таа изјава.

Во медицински извештаи стои дека изјавил: „Немам намера да се убијам“.

Епстин повторно бил ставен под надзор поради ризик од самоубиство, но неколку недели подоцна бил пронајден мртов во затворската ќелија. Неговата смрт предизвика бројни теории на заговор, иако американското Министерство за правда тврди дека нема докази за убиство и објави безбедносни снимки од затворот.

Епстин претходно во 2008 година призна вина за поттикнување малолетници на проституција, а повторно бил уапсен во 2019 година под нови обвиненија за сексуална експлоатација на малолетници.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни