Португалија по драматична победа од 2:1 против Хрватска обезбеди пласман во осминафиналето на Светското првенство. Натпреварот го одбележа контроверзен момент во длабокото судиско продолжение, кој ја скрши надежта на хрватските навивачи, а Португалија ја спаси од продолженија, благодарение на технологијата.
Технологијата одлучи во последните секунди
Во 13. минута од судиското продолжение, Јошко Гвардиол постигна гол за 2:2, што на прв поглед изгледаше како израмнување и одведување на натпреварот во продолженија. Но радоста на Хрватска траеше кратко, голот беше поништен поради офсајд на Марио Пашалиќ, а одлуката беше потврдена со помош на сензори вградени во службената топка на турнирот, пишува португалскиот медиум „A Bola“.
Според анализата, изгледало дека Игoр Матеановиќ не ја допрел топката, но микрочиповите во топката регистрирале многу слаб контакт, доволно мал за да биде невидлив за човечко око, но клучен за системот да утврди дека Пашалиќ бил во недозволена позиција во моментот на додавањето.
Оваа информација во реално време му овозможила на полуавтоматскиот систем за офсајд да ја потврди одлуката на судиите и да го поништи голот. По натпреварот, графичките прикази јасно го покажале моментот на контакт. За Португалците, ова се покажало како една од најважните технолошки интервенции на турнирот, која директно им донела победа и пласман понатаму.
Емоционален момент на крајот
По завршниот свиреж следел емотивен момент меѓу две фудбалски легенди, Кристијано Роналдо и Лука Модриќ.
Поранешните соиграчи од Реал Мадрид, кои и денес одржуваат блиско пријателство, се прегрнале долго по последниот свиреж. Роналдо и пред почетокот на натпреварот се поздравиле, а по крајот тој го утешил видно разочараниот Модриќ, покажувајќи меѓусебно почитување по големата битка на теренот.