Новите тензии меѓу САД и Иран ги потресоа светските финансиски пазари, откако двете земји првпат по еден месец повторно влегоа во директен вооружен судир. Инвеститорите реагираа со продажба на акции, додека цените на нафтата нагло пораснаа поради стравувањата дека конфликтот би можел дополнително да се прошири.
Индексот S&P 500 во понеделникот падна за 0,5 отсто, колку што се намали и Nasdaq Composite. Dow Jones Industrial Average загуби 361 поен, односно 0,7 отсто, под притисок на падот на акциите на Goldman Sachs и Alphabet. Американската Централна команда во неделата потврди дека американските сили нападнале два ракетни фрлачи на иранскиот остров Ларак. Тоа е првиот јавно потврден американски напад врз ирански позиции од крајот на јули.
Иранските државни медиуми, пак, објавија дека Техеран извршил напади врз американски бази во Јордан како одмазда за американската акција.
Ескалацијата веднаш се почувствува на пазарот на енергенси. Американската нафта West Texas Intermediate (WTI) поскапе за повеќе од 2 отсто и се искачи над 85 долари за барел, додека фјучерсите на северноморската нафта Brent, која е глобален референтен стандард, пораснаа за повеќе од 2 отсто и надминаа 90 долари за барел.
Заедно со нафтата, пораснаа и приносите на долгорочните американски државни обврзници, што дополнително го влоши расположението на берзите. Сепак, дел од аналитичарите сметаат дека сегашниот раст на цените на нафтата сè уште не претставува сериозна закана за американската економија. Том Хејнлин од U.S. Bank Asset Management оцени дека цените се „малку високи“, но оти пазарот сè уште има доволно нафта за да ги задоволи потребите.
Според него, цената од 80 до 90 долари за барел не е доволно висока за сериозно да ја наруши економската активност. Тој предупреди дека нафтата над 100 долари би можела да стане значително поголем проблем.
Зголемените тензии на Блискиот Исток придонесоа за нестабилно тргување во текот на август. И покрај најновиот пад, Волстрит останува на пат август да го заврши со значителни добивки, предводени од технолошкиот сектор.
Сепак, новата ескалација меѓу Вашингтон и Техеран повторно ги врати стравувањата дека геополитичкиот конфликт може да предизвика нов шок на енергетските пазари и дополнително да го зголеми притисокот врз инфлацијата и каматните стапки.