Новата карта на светот на ОН ги разлути Јапонците

Токио гласаше за проекцијата на ОН, но сега бара итна исправка бидејќи Курилите се прикажани со иста боја како Русија.

Јапонија побара итна измена на новата карта на светот што ја усвоија Обединетите нации, бидејќи спорните Курилски Острови на неа се прикажани како руска територија. Иако официјален Токио минатиот петок гласаше „за“ новата картографска проекција, владини претставници денеска испратија протест преку дипломатски канали, нагласувајќи дека ваквиот приказ директно се коси со јапонските државни позиции за Северните територии.

Гласноговорникот на јапонската влада, Минору Кихара, изјави дека новата мапа, изработена според проекцијата „Equal Earth“, содржи картографски решенија што не соодветствуваат со реалноста на теренот и официјалниот став на државата.

„Упативме протест до операторот на веб-страницата со мапите преку дипломатски канали и побаравме исправка на овој приказ“, рече Кихара на денешната прес-конференција.

Јапонските власти одбија да прецизираат кога точно го забележале проблемот на мапата. Сепак, Кихара порача дека Токио мора да спречи ширење заблуди за своите суверени територии и географски имиња во меѓународните институции.

Генералното собрание на ОН минатиот петок изгласа резолуција за усвојување на новата мапа со поддршка од 164 земји-членки. Меѓу оние што кренаа рака беше и Јапонија, додека Соединетите Американски Држави гласаа против резолуцијата.

Новата проекција ги прикажува континентите во пореални димензии во споредба со традиционалната Меркаторова мапа, со што Европа и Северна Америка се визуелно намалени, а Африка е зголемена. Од ОН објаснија дека целта била попрецизен приказ на копнените маси.

Проблемот за Токио настана кога се утврди дека четирите острови од Курилскиот архипелаг, кои Јапонија ги смета за свои Северни територии под руска окупација од крајот на Втората светска војна, на дигиталната мапа се обоени со иста боја како и Руската Федерација. Со тоа, картографскиот обид за поправедна претстава на земјината топка неочекувано отвори старо геополитичко жариште.

е-Трн да боцка во твојот инбокс