Нова врста на змија именувана по Харисон Форд

Фото: Ludovic MARIN / AFP

Во Перу е пронајден рептил наречен Tachymenoides harrisonfordi. Одлуката за именување на змијата по Харисон Форд дошла поради работата на познатиот актер за заштита на животната средина, пренесува Sky News.

Харисон Форд, кој е потпретседател на непрофитната група Conservation International, рече дека „змијата има очи во кои можете да се удавите и поголемиот дел од своите денови ги поминува сончајќи се покрај нечиста вода, веројатно би биле пријатели во раните 60-ти“.

Сепак, тој тврди дека и тоа е „понижувачко откритие“.

„Тоа е потсетник дека има уште многу да се научи за нашиот див свет – и дека луѓето се еден мал дел од неверојатно огромната биосфера. На оваа планета, сите судбини се испреплетени, а моментално милион видови се на работ на заборавот. Имаме егзистенцијален мандат да го поправиме нашиот нарушен однос со природата и да ги заштитиме местата што го одржуваат животот“, рече Харисон Форд.

За разлика од Индијана Џонс, Форд наводно е обожавател на змии, а по познатиот актер и заштитиник на животните се наречени и пајакот – Pheidole harrisonfordi, како и еден вид мравка – Pheidole harrisonfordi.

Откривањето на новиот вид змии е заедничка соработка помеѓу истражувачите од Перу и САД и е направено во Националниот парк Отиши во Перу.

Tachymenoides harrisonfordi е мала, тенка змија, која достигнува должина од само 40 центиметри. Знае да се камуфлира, но е безопасна за луѓето, со исхрана составена од гуштери и жаби.

Едгар Лер, биологот кој ја предводеше експедицијата која ја откри змијата, рече дека откривањето на нов вид, неговото именување и претставување на светот е убава и неопходна активност.

„Со ова име сакаме да му оддадеме почит на Харисон Форд како актер и конзерватор и се надеваме дека ќе создадеме свест дека сè уште има оддалечени области во светот каде што не ги познаваме видовите. Може да се заштитат само познати видови“, рече Лер.

Извор: N1

е-Трн да боцка во твојот инбокс