„The Rolling Stones“ потврдија дека наскоро ќе објават нов албум, а името на нивниот следен музички проект е „Foreign Tongues“.
Објавата следува по повеќемесечни најави од рок-групата, преку мистериозни плакати и различни информации, што ги поттикна гласините дека бендот ќе објави нов албум, прв по албумот „Hackney Diamonds“ од 2023 година, кој беше награден со Греми.
Познат е и датумот
Press Association дознава дека Rolling Stones ќе го објават новиот албум на 10 јули, откако членовите на бендот Мик Џегер, Рони Вуд и Кит Ричардс во саботата споделија илустрација за албумот, при што секој од нив објави различен дел од насловната страница.
Насловната страница на новиот албум е во колажен стил кој потсетува на периодот на „Some Girls“. На неа, во едно лице се споени делови од лицата на Мик Џегер, Кит Ричардс и Рони Вуд.
Џегер сподели фотографија на која долниот дел од насловната е покриен, а се гледа илустрација од неговата уста и брада. Вуд го сподели средниот дел од насловната, кој ги открива неговите очи и нос. Ричардс ја доврши сложувалката, споделувајќи ја горната половина, на која има илустрација од дел од неговата глава, разбушавена коса и шарена бандана.
Во петокот, бендот пред своите 4,2 милиони обожаватели сподели и дел од неименувана песна во видео од 13 секунди, со препознатливото лого со исплазен јазик и усни на подвижна позадина.
Рок-икони
Гласините за новиот албум првпат се појавија минатиот месец, кога низ Лондон се појавија низа загадочни пораки, постери и QR-кодови. Пред две недели, под псевдонимот „The Cocroaches“, групата објави винил-сингл „Rough & Twisted“, отпечатен во само 1.000 примероци, кој наводно се продавал исклучиво во независни продавници за плочи.
Основани во Лондон во 1962 година, „The Rolling Stones“ имаат долга историја на албуми што се искачувале на врвот на топ-листите и синглови што стигнувале до првото место.
Откако во август 2021 година, на 80-годишна возраст, почина долгогодишниот член на бендот Чарли Вотс, местото на тапанар го презеде Стив Џордан, а сегашната постава ја сочинуваат Џегер, Ричардс и Вуд. Во текот на својата повеќедецениска кариера, „Стоунси“ имале 14 албуми на првото место во Велика Британија и осум големи хитови. Рок-бендот во 1989 година беше примен во Rock and Roll Hall of Fame.