Силно невреме проследено со интензивен град, поројни дождови и феноменот метео-цунами вчера предизвика масовни поплави и материјални штети во каталонскиот град Тарагона и на Балеарските Острови. Локалните служби за итни случаи регистрираа над илјада повици за помош откако улиците за неколку минути се претворија во реки што влечеа пешаци и автомобили.
Во крајбрежниот град Тарагона, на околу стотина километри јужно од Барселона, обилниот град со големи димензии оштети десетици деловни објекти, возила и дел од покрив на трговски центар. Силните удари на град беа толку интензивни што предизвикаа и угинување на голем број птици на отворено, додека спасувачките екипи интервенираа за извлекување на граѓани затекнати од надојдените води.
Esto ha ocurrido en Tarragona tras las fuertes lluvias de ayer 💀💀 pic.twitter.com/jl30Pceuma
— Alt Right España 𝕏 (@AltRightEspan) August 25, 2026
Истовремено, на островите Ибица и Мајорка беше регистриран редок метеоролошки феномен познат како „рисака“ (метео-цунами). Ненадејните осцилации на морското ниво од речиси еден метар ја поплавија главната плажа во летувалиштето Сан Антонио, носејќи монтажни објекти и тераси, поради што локалните власти мораа да откажат јавни настани и концерти.
За разлика од класичните цунамија предизвикани од подводни земјотреси, метео-цунамијата на Балеарите настануваат поради брзи и екстремни скокови во атмосферскиот притисок комбинирани со силни ветрови на голема височина. Ваквите промени создаваат резонанца во плитките заливи и пристаништа, туркајќи големи водени маси кон копното.
Екстремната нестабилност во Шпанија доаѓа по долг бран високи летни температури, при што судирот на прегреаната морска површина со постудена воздушна маса на висина создаде идеални услови за суперќелиски бури.
Последиците од бурата наметнаа итни мерки: единаесет лица побараа лекарска помош во регионот Рода де Бера по уривање на крајбрежен ѕид, а делови од Тарагона останаа без напојување со електрична енергија. Поради безбедносни ризици и силен град на Пиринеите, организаторите на престижната велосипедска трка „Вуелта а Еспања“ беа принудени да ја прекинат и откажат третата етапа.
Службите за заштита и спасување во источна Шпанија остануваат во состојба на зголемена подготвеност. Метеоролозите најавуваат постепено смирување на условите на Балеарските Острови, но предупредуваат дека ризикот од локални поројни врнежи долж средоземниот брег ќе се задржи до целосното стабилизирање на воздушниот притисок.