Нетанјаху потврди 10-дневен прекин на огнот со Либан – Израел останува во „безбедносна зона“

Нетанјаху потврди 10-дневен прекин на огнот со Либан, но Израел останува во безбедносна зона. Преговорите продолжуваат со фокус на Хезболах и траен мир.


Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху потврди дека е прифатен десетдневен прекин на огнот со Либан, по најавата од САД за постигнат договор за примирје. Тој оцени дека станува збор за можност за отворање на пат кон „историски мировен договор“, но нагласи дека израелската армија нема да се повлече од позициите во јужен Либан.

Во видеообраќање, Нетанјаху изјави дека Израел ќе ја задржи контролата врз безбедносна зона длабока околу 10 километри, која, како што наведе, ќе служи за спречување инфилтрации и напади.

„Остануваме во Либан во проширена безбедносна зона“, рече тој, додавајќи дека прекинот на огнот треба да создаде услови за продолжување на преговорите. Тој најави и можност за средба во Вашингтон со либанскиот претседател Џозеф Аун.

Според Нетанјаху, Израел има две клучни барања во преговорите – разоружување на Хезболах и постигнување траен мировен договор меѓу двете земји. Тој предупреди дека остануваат отворени прашања, меѓу кои и ракетниот арсенал на Хезболах, кој мора да биде дел од евентуалното решение.

Во меѓувреме, најавата за примирје предизвика реакции во израелската опозиција, од каде стигнаа критики дека договорот може да му овозможи на Хезболах да се зајакне.

Претходно, американскиот претседател Доналд Трамп објави дека е постигнат договор за десетдневен прекин на огнот, по разговори со лидерите на Израел и Либан, и најави дека американски претставници ќе работат со двете страни за постигнување траен мир.

е-Трн да боцка во твојот инбокс

Последни колумни