Нетанјаху го одби планот од 15 точки на Трамп за Газа

Израелскиот премиер порача дека нема повлекување на војската ниту изградба на палестинска држава додека Хамас целосно не се разворужи.
Фото: https://www.index.hr/vijesti/clanak/netanyahu-odbio-trumpov-plan-za-gazu/2822089.aspx

Израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху го одби најновиот мировен план за Газа поддржан од САД, барајќи целосно разворужување на Хамас пред какво било повлекување на израелските сили. Оваа изјава доаѓа само една недела откако американскиот претседател Доналд Трамп соопшти дека е постигнат значаен напредок во преговорите и го представи планот во 15 точки подготвен од неговиот Одбор за мир.

Во своето прво директно обраќање за предложениот документ, Нетанјаху беше дециден дека Израел нема да прифати ниту еден компромис што го загрозува неговиот суверенитет. Тој подвлече дека израелската армија нема да ги повлече своите трупи од теренот сè додека Хамас реално не го предаде оружјето.

„Има работи во американскиот предлог што се прифатливи за нас, но има и такви што не се. Додека сум јас премиер, палестинска држава нема да се формира ниту во Газа, ниту на Западниот Брег“, порача Нетанјаху, додавајќи дека разговорите со Вашингтон продолжуваат.

Од друга страна, Хамас соопшти дека останува приврзан кон рамката изработена од американскиот Одбор за мир, но под услов Израел целосно да ги прекине воените дејствија и да се повлече до линиите договорени во претходните прекини на огнот.

Членот на нивното политичко биро, Басем Наим, апелираше до Вашингтон и меѓународните посредници да извршат директен притисок врз Нетанјаху. Според него, израелскиот премиер го кочи мировниот процес поради внатрешнополитички калкулации и претстојните избори во Израел закажани за крајот на октомври, каде што неговата коалиција соочува пад на поддршката.

Израелските сили во моментов контролираат повеќе од половина од територијата на Газа, главно во источниот и јужниот дел. Радикалните десничарски членови во кабинетот на Нетанјаху ја поздравија неговата цврста позиција, барајќи да нема никакво отстапување или повлекување од заземените позиции.

е-Трн да боцка во твојот инбокс