Нетанјаху го обвини Ердоган за обид за агресија врз Израел во Сирија

Кабинетот на израелскиот премиер ја отфрли потерницата од Анкара, обвинувајќи го турскиот претседател за дестабилизација и антисемитизам.
Фото: WORLD ECONOMIC FORUM/swiss-image.ch/Photo Jolanda Flubacher

Кабинетот на израелскиот премиер Бенјамин Нетанјаху упати остри критики кон турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган, откако Турција издаде меѓународна потерница за апсење на Нетанјаху. Од Тел Авив порачаа дека обидите на Анкара за притисок нема да успеат, предупредувајќи дека нема да толерираат турска воена агресија на сириска територија.

Реакцијата од кабинетот на израелскиот премиер уследи непосредно по израелскиот воздушен напад врз сириска воздухопловна база. Израелските власти наведоа дека нападот е извршен поради сомнежи за потенцијално распоредување на турски воени трупи во Сирија.

Во официјалното соопштение се наведува дека Ердоган се обидува да ја прошири агресијата врз Израел на сириска територија. Израелските претставници порачаа дека земјата ќе продолжи да дејствува против секој обид за регионална дестабилизација и директно загрозување на нејзината безбедност.

Турските правосудни органи претходно побараа меѓународна потерница за Нетанјаху во рамки на истрагата за израелското пресретнување на хуманитарната флотила активисти што пловеше кон Појасот Газа.

Кабинетот на Нетанјаху ги отфрли правните постапки како неоснован обид за заплашување на израелското раководство и вооружените сили. Во соопштението беа упатени и директни политички квалификации кон турскиот претседател, при што израелската страна го обвини Ердоган за соработка со Хамас, репресија врз политичките неистомисленици и новинарите, како и за окупацијата на Северен Кипар.

е-Трн да боцка во твојот инбокс