Турското Министерство за правда побара од Интерпол распишување црвена потерница за Нетанјаху, како и за уште едно лице, поради нападот врз хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“ во меѓународни води. Информацијата ја соопшти турскиот министер за правда Акин Ѓурлек, наведувајќи дека барањето е дел од домашна кривична постапка во која се опфатени вкупно 35 осомничени лица за воени дејствија и пресретнување на бродовите што превезуваа помош за Газа.
Турскиот министер за правда Акин Ѓурлек објави на мрежата Икс дека Министерството за правда испратило официјално барање до турското Министерство за внатрешни работи за распишување на потерниците. Постапката опфаќа 35 лица кои турските власти ги товарат за геноцид, злосторства против човечноста и тортура поради пресретнувањето на хуманитарните бродови.
Поводот за оваа правна постапка е инцидентот од мај, кога израелските сили отворија оган врз најмалку два брода од хуманитарната флотила „Глобал Сумуд“. Овие пловила се обидуваа да достават помош за цивилното население во Појасот Газа.
Турција, како членка на НАТО, континуирано ги критикува воените операции на Израел во Газа и претходно има издадено национални налози за апсење на израелски функционери. Властите во Анкара постојано повикуваат на меѓународни санкции и правни мерки против официјален Тел Авив поради кршење на меѓународното хуманитарно право, што израелската страна редовно го отфрла како неосновано.
Со барањето за распишување црвена потерница, турското правосудство се обидува да го пренесе случајот на глобално ниво, овозможувајќи лоцирање и потенцијално приведување на осомничените доколку патуваат во земји членки на меѓународната полициска организација.