Гастрономскиот туризам продолжува да расте, а сè повеќе патници ги избираат своите дестинации според локалната кујна. Најновото рангирање на TasteAtlas, изработено врз основа на речиси половина милион оценки од љубители на храната, го прогласи Неапол за град со најдобра храна во светот.
Неапол е познат како родно место на оригиналната пица „Маргерита“, но неговата кујна нуди многу повеќе. Посетителите можат да уживаат во традиционални специјалитети како њоки, сфољатела, баба со рум и други автентични десерти подготвени според долгогодишна кулинарска традиција.
Во анализата биле опфатени повеќе од 17.000 градови, а при рангирањето биле оценувани квалитетот, автентичноста и популарноста на локалните и националните јадења. Меѓу највисоко рангираните доминираат европските градови, особено оние од Италија.
По Неапол следуваат Милано, Болоња и Фиренца, додека меѓу првите десет се најдоа и Рим, Париз, Виена, Торино, Осака и Мумбај. Благодарение на добрата авионска поврзаност, Неапол е лесно достапна дестинација и за патниците од регионот, што дополнително ја зголемува неговата привлечност за љубителите на добрата храна.